Осврнувајќи се на настанот од Евангелието на неделната Литургија, за воскресението на Лазар, папата Фрањо ги поттикна верниците никогаш да не престанат да се надеваат. Болестите, разочарувањата, предавствата и неуспесите нека не ни го блокираат патот кон светлината; со Исус кој секогаш не придружува, можеме да погледнеме подалеку од прагот без да дозволиме да бидеме заробени од болката и песимизмот
Папата Фрањо во своето пладневно обраќање во петтата недела од Великиот пост, 26 март 2023 година, се осврна на настанот опишан во Евангелието за неделната Литургија, во кој се зборува за воскресението на Лазар. Тоа е последното чудо на Исус опишано пред Пасхата. Порака која е вистинска химна на животот.
Исус дава живот дури и кога изгледа дека нема надеж
Папата потсети дека Исус кога пристигна во куќата на Лазар, четири дена по погребението, сета надеж веќе била изгубена. Меѓутоа, Марта и Марија се фаќаат за светлото што доаѓа од присуството на нивниот пријател кој ги повикува да го отворат гробот. Лазар оживува и излегува. Пораката од тој пасус е јасна: Исус дава живот дури и кога изгледа дека нема надеж.
Понекогаш се случува човек да се чувствува безнадежно, односно да сретнеме луѓе кои престанале да се надеваат, огорчени затоа што доживеале нешто лошо, а рането срце не може да се надева: поради болна загуба, поради болест, поради горчливо разочарување, поради претрпена неправда или предавство, поради направена сериозна грешка. Понекогаш можеме да слушнеме како некој вели: „Нема што повеќе да се направи!“. И ја затвора вратата за секоја надеж. Ова се моментите кога животот изгледа како затворен гроб: сè е темно, наоколу гледате само болка и очај. Денешното чудо ни кажува дека не е така, дека не е крај, дека во тие моменти не сме сами, туку напротив, токму во тие моменти Тој е поблиску до нас од кога било порано за да ни даде повторно живот. Исус плаче, Евангелието вели дека Исус плачел пред гробот на Лазар, а денес Исус плаче со нас.
Исус нѐ повикува да не дозволиме негативните чувства да нѐ обземат
Исус нè повикува да не престанеме да веруваме и да се надеваме. И денес ни се приближува на гробовите, нè фаќа за рака, нè придружува во секој момент.
Тоа ни го вели Исус. Тргнете го каменот: болките, грешките, дури и неуспесите, не ги кријте во себе, во темна и осамена, затворена просторија. Тргнете го каменот: извадете сè што е внатре, предадете ми го со доверба, вели Господ, нема да се соблазнам; предај ми ги без страв, бидејќи јас сум со тебе, те сакам и сакам да се вратиш во живот. И, како Лазар, на секој од нас повторува: Излези! Стани, продолжи со твојот пат, врати си ја самодовербата!
Да го тргнеме каменот од нашиот живот
Одломката за воскресението на Лазар, од 11. поглавје на Евангелието според Иван, кое е многу добро за читање, е химна на животот, а се навестува кога Воскресението е веќе блиску – истакна папата Фрањо. Посебно е корисно да се прочита повторно кога изгледа дека нашите срца се скршени од товари и страдања. Затоа Светиот Отец поттикна да излеземе да го пречекаме Исус кој е близу. Неопходно е да му ги довериме своите грижи, гледајќи во неговата светлина. Колку сме способни да го направиме ова? Дали успеваме да му ги отвориме срцата и да му ги довериме нашите грижи? Дали го правиме тоа? Дали успеваме да го отвориме гробот на проблемите и да погледнеме подалеку од прагот, кон неговата светлина или се плашиме од него? Дали ние, како мали огледала на Божјата љубов, успеваме да внесеме светлина во средината во која живееме со зборови и дела на живот? Дали сме сведоци на Исусовата надеж и радост? – праша Римскиот бискуп.
Отстрани ги завоите што те врзуваат (сп. р. 45), не препуштај се на песимизмот што те обесхрабрува, стравот што те изолира, обесхрабрувањето поради сеќавањата на грдите искуства, стравот што те парализира. Те сакам слободен и жив, не те оставам и со тебе сум! Сè е темно, но јас сум со тебе! Не дозволувај болката да те зароби, не дозволувај надежта да умре: врати се во живот!
Можеби во овој момент носиме и некаков товар или страдање во нашите срца, кои изгледаат дека нè кршат – додаде Папата – некоја лоша работа, некој стар грев од кој не можеме да се ослободиме, некоја грешка од младоста, никогаш не се знае. Тие грди работи мора да излезат на виделина. А Исус вели: „Излези“.
Папата до исповедниците: Сѐ простувајте
На самиот крај, папата Фрањо им се обрати на исповедниците:
Драги браќа, не заборавајте дека и вие сте грешници и дека не сте во исповедалницата за да мачите, туку да простувате, да простувате сè, како што Господ сè простува.
По молитвата Ангел Господов своите мисли Папата ги упати на Украина, сè уште потресена од војната; на населението во Сирија и Турција кое се борат со штетите предизвикани од земјотресот и на американската држава Мисисипи која беше погодена од неколку силни торнада. Покрај тоа, тој поттикна и на молитва за Перу.
Ватикан њуз/к.мк