Папата: Да ги подготвуваме срцата за Литургијата

Папата: Да ги подготвуваме срцата за Литургијата

Би сакал денес да влеземе во суштината на евхаристиското славење – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција која се одржа во салата Павле VI на 20 декември 2017 година.

Тој објасни дека светата Литургија се состои од два дела: Служба на Словото и Евхаристиска служба кои така тесно се поврзани што создаваат еден чин на богопочитување. Тоа славење е едно тело и не може да се раздели, започнува со одредени подготвителни обреди и завршува со други, но заради подобро разбирање – рече Папата – ќе се обидам да ги објаснам неговите различни моменти, од кои секој може да допре и да вклучува некоја од нашите човечки димензии. Потребно е да се познаваат сите тие знаци за целосно да може да се доживее светата Литургија и да се ужива во целата нејзина убавина.

Кога народот се собира – истакна Светиот Отец – славењето започнува со воведните обреди, вклучувајќи го влезот на сослужителите и предводителот, поздравот – „Господ со вас“, „Мир со вас“, покорничкиот чин – „Се исповедувам“ кога бараме прошка за нашите гревови; Господи смилувај се; слава и заедничка молитва, односно збир на наканите на сите луѓе кои се воздигнуваат во небото како молитва.

Целта на тие воведни обреди е – објасни папата Фрањо – верниците, собрани како заедница да се подготват за слушањето на Словото Божјо со вера и достојно да ја слават Евхаристијата. Не е добар обичај – рече Папата – да се гледа во часовникот и да се каже: „Сè уште не доцнам, ќе дојдам после проповедта и со тоа ќе ја запазам заповедта.“ Светата Литургија започнува со знакот на крстот, со тие воведни обреди, затоа што тогаш започнува заедница да го обожава Бог. Заради тоа е важно да се планира доаѓањето на време, уште повеќе и порано за да го подготвиме срцето за тие обреди, за тоа славење на заедницата.

Обично за време на влезна песна, свештеникот со другите служители доаѓа во процесија до презвитериумот, го поздравува олтарот со наклон и во знак на почитување го бакнува и кади. Зошто – праша Светиот Отец и одговори – затоа што олтарот е Христос, Тој е ликот на Христос. Кога го гледаме олтарот, гледаме токму во Христос. Олтарот е Христос. Опасноста е тие гестови да останат незабележани и да поминат незапазени, а тие всушност имаат големо значење, затоа што од самиот почеток на изразувањето дека светата Литургија е средба на љубовта со Христос, Кој „нудејќи го своето тело на крстот… стана олтар, жртва и свештеник.“ Имено, олтарот е како знак на Христос, „центарот на делувањето на милостите кои се остваруваат со евхаристијата“ – нагласи папата Фрањо – и целата заедница е околу олтарот кој е Христос, не за да ги гледаме нашите лица, туку за да го гледаме Христос, затоа што Христос е центарот на заедницата, воопшто не е далеку од неа.

Овде е потоа знакот на крстот. Свештеникот кој предводи го прави на себе знакот на крстот и тоа истото го прават сите собрани, свесни дека литургискиот чин се извршува „во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ – рече Папата и предупреди: Дали сте виделе како децата го прават знакот на крстот? Не знаат што прават, понекогаш ќе направат некаков знак кој не е знакот на крстот. Ве молам, мамо и тато, дедо и бабо, научете ги децата од почетокот додека се мали правилно да го прават знакот на крстот. И објаснете им дека знакот на крстот значи да се биде под заштитата на Исусовиот крст.

Светата Литургија започнува со знакот на крстот – нагласи Светиот Отец и додаде: Целата молитва се движи, така да кажеме во просторот на Пресветото Тројство, „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ кој простор е бесконечно заедништво; кој е извор и крај на љубовта на Единиот и троединиот Бог Кој ни се покажа и даруваше во Христовиот крст. Неговото пасхално таинство е дар на Тројството, а Евхаристијата секогаш потекнува од неговото прободено срце. Правејќи го на себе знакот на крстот – нагласи папата Фрањо – не се присетуваме само на своето крштение, туку потврдуваме дека литургиската молитва е средба со Бог во Христос Исус, Кој за нас се овоплоти, умре на крстот и славно воскресна.

Свештеникот – продолжи Папата – поздравува со литургискиот поздрав и израз: „Господ со вас“ или слично, има неколку поздрави, а народот одговара: „И со духот твој.“ Тоа е дијалог, на почетокот на светата Литургија и мораме да размислуваме за значењето на сите тие гестови и зборови. Влегуваме во „симфонија“ во која имаме различни тоналитети на гласови, вклучувајќи го и времето на тишина со намера да се создаде „склад“ меѓу сите учесници, односно да препознаеме дека сме водени од еден Дух и кон иста цел. Имено, „поздравот на свештеникот и одговорот на народот го покажуваат таинството на собраната Црква.“ Така се изразува заедничката вера и взаемната желба, да се биде со Господ и да се живее единството со целата заедница.

Тоа е молитвена симфонија која се создава и веднаш претставува многу трогателен момент, затоа што оној кој го предводи повикот сите да ги признаат своите гревови – рече Светиот Отец и нагласи – сите сме грешници… Ако некој не е грешник, нека дигне рака, сите да видиме. Нека подигнати раце, добро, имате добра вера!

Сите сме грешници – повтори папата Фрањо и објасни: Затоа на почетокот на светата Литургија молиме за простување. Тоа е покајнички чин. Не се работи само за размислување за направените гревови, туку многу повеќе, тоа е повик да ги признаеме своите гревови пред Бог, пред заедницата и браќата понизно и искрено, како цариникот во храмот.

Ако навистина Евхаристијата го прави присутно велигденското таинство, што значи Христовиот премин од смрт во живот – рече Папата – тогаш првата работа која мораме да ја направиме е да препознаеме кои се нашите ситуации кои во себе носат смрт за да можеме да воскреснеме со Него за нов живот. Тоа ни помага да сфатиме колку е важен покајничкиот чин – заврши папата Фрањо и уште еднаш ги повика родителите да ги научат децата да го прават знакот на крстот.

После катехезата, Светиот Отец посебно ги поздрави неоереите, студентите, семејствата, парохиите, работниците, младите, болните и младите брачни парови. Сите ги повика да се подготват за таинството на Божиќ со послушност во верата и понизноста кои ја краселе Марија.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот