Папата: „Дали си навлегол во таинството на Исус Христос?“

Папата: „Дали си навлегол во таинството на Исус Христос?“

Во центарот на таинството на Исус Христос е тоа дека љуби и го даде својот живот за мене – истакна папата Фрањо на светата Литургија во домот Света Марта, 24 октомври 2017 година.

Папата Фрањо својата проповед ја започна со првото литургиско читање од Посланието до Римјаните, во кое свети Павле ги користи зборовите како што се грев, непослушност, благодат, простување за да ни помогне да сфатиме нешто. Зад сето тоа се наоѓа историјата на спасението.

Но, Павле чувствувал дека не бил во состојба со зборови да го објасни она што сакал да го изрази. Апостолот сака со гореспомнатите зборови да нè „размрда“ за да можеме да потонеме во Христовото таинство кое разумски не може лесно да се сфати. Иако знаеме дека кога одиме на света Литургија, Бог е присутен во своето Слово, дека Исус доаѓа, тоа не е доволно за да навлеземе во таинството Христово – објасни Светиот Отец.

Да се влезе во таинството Христово, тоа е нешто повеќе – продолжи папата Фрањо. Тоа значи да се препуштиме на бездната на милосрдието, во која нема зборови, туку само прегратка и љубов. Тоа е љубовта заради која го предаде својот живот за нас. Кога одиме на Исповед, бидејќи сме згрешиле, тогаш му ги кажуваме на исповедникот своите гревови, и потоа сме мирни и задоволни. Но, го правиме ли само тоа, тогаш не сме стапиле во Христовото таинство. Кога одам таму, тогаш одам за да се сретнам со Исус Христос, за да потонам во Христовото таинство, за да навлезам во таа прегратка на простувањето за која зборува свети Павле – рече Папата.

На прашањето „Кој е за мене Исус“, би можеле да одговориме „Син Божји“ или би можеле да го рецитираме целото Верување или да наведеме што е содржано во Катехизмот, и повторно да дојдеме до точката каде би морале да признаеме дека не сме го објасниле таинството Христово: имено, дека ме љуби и дека самиот себе се даде за мене. Да се разбере таинството на Исус Христос – продолжи папата Фрањо – не е прашање за проучување, туку Исус Христос може да се разбере само по пат на благодатта. Сепак, постои една побожна вежба која може во тоа да ни помогне: Крстниот пат кој се состои во тоа да одиме со Исус во оној момент кога ни ја подарува прегратката на простувањето и мирот.

Добро е да го молиме Крстниот пат – истакна Светиот Отец – молејќи го дома, размислувајќи за моментите на Господовата мака. Големите светци постојано советувале да го започнеме својот духовен живот со таа средба, со таинството на Распнатиот Исус. Света Мајка Тереза ги советувала своите сестри: за да доспеете до молитвата контемплација, треба да започнете со медитација за Господовата мака. Крстот со Христос. Христос на крстот. Започни и размислувај. И на тој начин обиди се со срцето да разбереш дека Он ме љуби и го даде својот живот за мене – рече папата Фрањо.

Потоа Папата повтори дека свети Павле во првото читање настојува да нè воведе во „бездната“ на Христовото таинство. Добар христијанин сум, одам на неделна света Литургија, правам дела на милосрдието, се молам, добро ги воспитувам децата, и сето тоа е многу добро – рече Светиот Отец. Но, те прашувам: „Дали си навлегол во таинството на Исус Христос?“ Папата Фрањо на крајот повика да го упатиме погледот кон распетието, иконата на најголемото таинство на создавањето, на сè: кон Христос распнатиот, центарот на историјата, центарот на нашиот живот.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот