Папата го прослави својот роденден со младите од “Католичка акција“

„Одете по патот на доброто, прошката, мирот и солидарноста. Отфрлете го злото, војната, одмаздата и себичноста“, тоа беше повикот на папата Фрањо упатен кон околу 60 млади од движењето „Католичка акција“, кои ги прими во Ватикан по повод роденденот.

Папата Фрањо упати повик и за прифаќање на мигрантите, а за возврат младите упатија срдечна честитка до Светиот Отец за неговиот 79 роденден.

Папата, пречекан од младите со торта за роденденот, ја изрази радоста за оваа средба и ги пофали напорите на „Католичка акција“ за подобро познавање на Евангелието од страна на најмладите, стимулирајќи го кај нив скапиот мисионерски поттик. „Сите сме упатени кон Господ, но многумина не размислуваат за тоа“, рече Папата, повикувајќи се на овогодинешното мото на младинското движење „Католичка акција“: „Упатени кај Тебе“:

„Што значи да сме упатени кон Господ? Значи да одиме по патот на доброто, а не на злото; по патот на простувањето, а не на одмазда; по патот на мирот, а не на војната; по патот на солидарноста, а не на себичноста“.

Папата Фрањо ја пофали милосрдната иницијатива на младите од „Католичка акција“ во корист на мигрантите во италијанската епархија, Агриџенто, Сицилија:

„За време на Генералната аудиенција во среда, родители ми претставија едно дете со поинаков тен, на околу пет месеци, и споделија со мене дека е родено во чамец на пат кон Сицилија. Многу деца успеваат да дојдат до тука, но многу други не. Сè што ќе направите за овие луѓе е добро и ви благодарам што го правите“.

Папата ги охрабри младите да дадат свој посебен придонес за оваа иницијатива преку ентузијазмот, молитвата и лишувајќи се од нешто, делејќи го потребното со своите врсници. Папата Фрањо не ги заборави и „поголемите“ од „Католичка акција“ во Италија, на кои им честиташе и на кои им се заблагодари за „напорите со кои се посветуваат за католичкото воспитување на младите“.

„На сите од срце ви посакувам среќно и свето Рождество Христово“, рече Папата, кој ги упати своите желби и кон „семејствата и целата заедница „Католичка акција“ во сите италијански епархии.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот