Папата го прими Шимон Перес и јорданскиот принц Ел Хасан бин Талал

Блискиот исток, мирот и меѓурелигискиот дијалог беа во средиште на разговорот на папата Фрањо со поранешниот израелски претседател Шимон Перес и јорданскиот принц Ел Хасан бин Талал кој ги прими во четврток 4 септември 2014 година во одвоени аудиенции.

За двете приватни аудиенции говореше во изјава за Радио Ватикан, после разговорот, директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол о. Федерико Ломбарди. Аудиенцијата со поранешниот израелски претседател, рече Ломбарди, траеше околу 45 минути во кои Перес, кого Папата го нарече „човек на мирот“ и „далекувидна личност и човек со широки погледи“, на Светиот Отец му ги претстави своите погледи на израелско – палестинскиот судир и своите иницијативи кои имаат за цел промовирање на мирот во што му помагаат разни верски лидери. Папата покажа интерес за иницијативите на поранешниот израелски претседател и му гарантираше дека должно внимание ќе им посветат и дикастериите на римската курија кои посебно се заземаат на тоа поле, пред сè Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог и Папскиот совет за правда и мир. Папата исто така во разговорите истакна дека иницијативата за молитва за мир, одржана во Ватикан на која учествуваа Перес и Абу Мазен, не ја смета за промашена, туку тоа го смета за отворање на врата која и понатаму останува отворена, на што благодарејќи иницијативите и вредностите може да се поттикнуваат и понатаму да се развиваат.

Осврнувајќи се на аудиенцијата со принцот бин Талал, о. Ломбарди рече дека станува збор за слична аудиенција бидејќи јорданскиот принц му го претставил на Папата делувањето на Фондацијата, установа која ја основал и водел тој, а чија главна цел е јакнење на дијалогот и меѓурелигиското делување во корист на мирот, во средини во кои владее насилство. Ја истакна притоа важноста на дијалогот меѓу религиите за човечкото достоинство и мир, помош на сиромашните во ерата на глобализацијата, воспитувањето на младите за братство, инсистирање на почитување на достоинството на личноста. За сето тоа претставниците на различните религии мораат ревносно да се заземаат, истакна принцот бин Талал. О. Ломбарди додаде дека и аудиенцијата со јорданскиот принц била исто така подолга, траела повеќе од еден час.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот