Папата го прими претседателот на Мадагаскар
Ватикан, 26.4.2013 /к.мк/ – Денес претпладне, папата Фрањо во Апостолската палата во Ватикан го прими претседателот на Република Мадагаскар Ендрју Ражоелина.
„За време на разговорите беа истакнати добрите односи меѓу Светата Столица и Република Мадагаскар, а се разговараше и за некои важни аспекти од животот на земјата”, се вели во соопштението од Ватикан. Посебен акцент на средбата е ставен околу „напорите кои Мадагаскар ги вложува за стабилизација и демократизација на земјата, како и економскиот развој и обновување на меѓународните односи”, се вели во документот. На средбата беше истакнат и „големиот придонес на Католичката црква во Мадагаскар за националниот дијалог и нејзиното незаменливо присуство во здравство и образованието”. По аудиенцијата со Светиот Отец претседателот на Мадагаскар се сретна и со државниот секретар на Ватикан кардинал Тарчизио Бертоне, како и со секретарот за односи со државите монс. Доминик Мамберти. (го*ко)