Папата го прими православниот коптски патријарх Тавадрос II
Ватикан, 11.5.2013 /к.мк/ – „Дијалогот меѓу Католичката црква и семејството на Источните православни цркви продолжува да дава добри резултати“, но со сознание дека „патот што нѐ очекува е можеби долг“. Молитвата, дијалогот и желбата за изградба на „заемна љубов“ се средствата за „целосно единство“, како и „екуменизмот на страдањето“. Тоа, го рече папата Фрањо во петокт 10 мај, за време на аудиенцијата со православниот коптски патријарх Тавадрос II, патријархот на Александрија и цела Африка. Аудиенцијата е историска, бидејќи се одржува 40 години по првиот состанок помеѓу Павле VI и Шенуда III, кој даде почеток на теолошкиот дијалог меѓу двете Цркви.
Средбата се одржа во Апостолската библиотека во ватиканската палата, а во говорот Папата ја опиша како „момент на голема радост“ и „вистинска благодат“. „Денешната средба ги зајакнува пријателските и братските врски меѓу Престолот на свети Петар и Престолот на свети Марко, наследник на непроценливо наследство на маченици, богослови, свети монаси и верни следбеници на Христос, кои го сведочат Евангелието низ генерациите, често меѓу големи тешкотии“, рече Папата.
Во говорот папата Фрањо истакна дека за подобрување на односите меѓу египетските православни копти и католиците има значење создавањето во Египет на Национален совет на христијанските цркви. „Универзалната декларација“,потпишана на 10 мај 1973 од Павле VI и Шенуда III претставува „пресвртница“ за билатералниот екуменски дијалог.
„Со радост денес можеме да ја потврдиме свечената декларација на нашите почитувани претходници и да се признааме соединети во Крштението, чиј посебен израз е нашата заедничка молитва, која копнее за денот во кој ќе се исполни желбата на Господ да пиеме заедно од една литургиска чаша“, истакна Папата. Убеден сум дека со помош на Светиот Дух, нашата постојана молитва, дијалогот и волјата да градиме ден по ден заедништво во взаемната љубов можеме да направиме нови и важни чекори кон целосното единство“.
„Секако, свесни сме дека патот кој нѐ очекува е можеби долг, но не треба да се заборави и поминатиот пат, кој е исполнет со „светли моменти“, дополни Светиот Отец. Меѓу нив ја посочи средбата во Каиро во 2000 година. меѓу патријархот Шенуда III и Иван Павле II.
Овој пат Папата го посочи и „екуменизмот на страдањето“, кој јасно ја отсликува положбата на христијаните во Египет: „Како што крвта на мачениците била семе за моќта и плодноста на Црквата, така споделување на страдањата во секојдневниот живот може да биде делотворно средство за соединување – посочи папата Фрањо. И тоа важи во поширокиот општествен контекст и односите меѓу христијаните и нехристијаните: од целото страдање, со помош на Бог, може да никне простување и помирување“.
Во својот говор Тавадрос II исто така го изрази задоволство од средбата со папата Фрањо и го покани да го посети Египет:
„Се надевам дека оваа е прва од долгата серија на братски средби меѓу двете големи Цркви. Затоа предлагам на 10 мај секоја година да се слави празникот на братската љубов меѓу Католичката Црква и Православната коптска Црква“.
„Горд сум со мојата татковина, Египет, и истовремено сум среќен поради мојата посета на Ватикан, која иако е најмалата држава во светот, како по површина, така и по население, зазема важна улога благодарение на неговото влијание и светото служење“, истакна во својот говор патријархот Тавадрос. Духовниот водач на православните копти потсети на бројните непроценливи ремек дела, што се наоѓаат во Ватиканските музеи и библиотеката и напорите на Ватикан за заштитата на етичките прашања и мирот. „Сакам да го завршам својот говор со желба за зајакнување на веќе постоечките прекрасни односи меѓу Коптската Православна Црква и поголемата Католичка Црква. Нашата заедничка цел е да работиме заедно за промовирање на Екуменскиот дијалог и градење на мирот во целиот свет“. Тавадрос II посочи дека му се моли на Господ „за да помогне и го поддржува“ Светиот Отец во „исполнувањето на неговата света мисија“. „Со желба да ја пречекам Вашата Светост во мојата сакана татковина, Египет и обновување на целата коптска црква, на верските заедници, како и на целиот египетски народ“, заврши Патријархот.
На крајот на средбата во капелата „Редемпторис Матер“ на Апостолската палата, папата Фрањо и Тавадрос II упатија заедничка молитва Оче наш и молитва за мир. (В.Н.)