Папата го пофали сведоштвото за надеж на кардиналот Чериг на погребната света Литургија

Папата го пофали сведоштвото за надеж на кардиналот Чериг на погребната света Литургија

На погребната света Литургија за кардиналот Пол Емил Чериг во базиликата „Свети Петар“ во петок, 15 мај 2026 година, папата Лав XIV се осврна на децениската дипломатска и пастирска служба на покојниот кардинал во Светиот Престол и го потврди неговото сведоштво за христијанската надеж.

Од Олтарот во базиликата „Свети Петар“, папата Лав XIV ја предводеше погребната света Литургија за кардиналот Пол Емил Чериг, кој почина на 79-годишна возраст на 12 мај, заблагодарувајќи Му на Бога за децениската верна служба на покојниот швајцарски кардинал во Светиот Престол и доверувајќи го на Божјата милост.

Во својата проповед, Папата се осврна на „големиот и свечен момент“ во кој кардиналот сега стои пред Господ „за да ја прими наградата за доброто постигнато во овој живот и прошката за недостатоците предизвикани од човечката слабост“.

Папата Лав го опиша кардиналот Чериг како посветен слуга на Црквата, кој повеќе од половина од својот живот го поминал во дипломатската служба на Светиот Престол, работејќи во папските претставништва низ целиот свет и во Државниот секретаријат. Иако честопати ја извршувал далеку од вниманието на јавноста, рече Папата, неговата служба неуморно придонесувала за растот на Божјото Царство.

Повикувајќи се на првото читање од Книгата Откровение, Папата потсети на видението за новиот Ерусалим, „изграден врз темелите на апостолите, осветлен од светлината на Јагнето и украсен со заслугите на светците“. Кардиналот Чериг, рече тој, помогнал во подготовката на тоа Царство преку трпеливо и верно служење.

Пастир и дипломат

Светиот Отец го пофали служењето на покојниот кардинал и како пастир и како дипломат, истакнувајќи дека тој работел „со трпение и саможртва“ за да поттикнува слога меѓу народите и да го зајакнува заедништвото меѓу локалните Цркви и Апостолскиот Престол.

Следејќи ја долгата дипломатска служба на кардиналот, папата Лав се потсети на неговата служба во Бурунди, Тринидад и Тобаго и неколку карипски земји, Јужна Кореја и Монголија, нордиските земји, Аргентина, и конечно Италија и Сан Марино. Ваквите задачи, рече Папата, сведочат за прилагодливоста, дарежливоста и пастирската љубов на кардиналот Чериг во многу различни култури и околности.

Папата Лав, исто така, потсети дека кардиналот Чериг го познавал папата Фрањо уште од времето кога покојниот папа бил надбискуп на Буенос Аирес. Осврнувајќи се на обраќањето на папата Фрањо пред дипломатскиот кор претходно оваа година, тој ја повтори повикот до дипломатите да помогнат „да процвета надежта“ меѓу луѓето што копнеат по мир и добрина.

„На нашиот свет“, рече Папата, „многу му се потребни гласници што ќе помогнат повторно да се открие довербата“, додавајќи дека сведоштвото на оние што Бог ги избрал за служба може да ги зајакне другите во одговорот на тој повик.

Истовремено, папата Лав нагласи дека христијанската надеж се протега надвор од историјата и земните работи, наоѓајќи ја својата основа во пасхалното таинство на Христовата победа над гревот и смртта.

„Spes mea Christus“

Размислувајќи за евангелскиот извештај за воскресението на Лазар, Папата рече дека чудото укажува на поголемото ветување за воскресението во вечен живот, „кое го крунисува секој напор и труд во овој живот и ги исполнува надвор од границите на времето“.

Светиот Отец подвлече дека оваа вечна перспектива лежи во срцето на мисијата на Црквата, која делува во историјата, насочувајќи сè кон Христос, „единствената глава“, и кон целосното откупување ветено од Бога.

Завршувајќи ја својата проповед, папата Лав го довери кардиналот Чериг на воскреснатиот Господ и потсети на епископското мото што кардиналот го избрал пред триесет години: Spes mea Christus, „Христос, мојата надеж“.

„Христос, нашиот Господ, беше негова надеж во текот на целиот негов живот“, рече Папата, „надеж што не го разочара, затоа што беше вкоренета во љубовта што Бог ја излеа во неговото срце преку Светиот Дух, и која денес се исполнува засекогаш“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот