Папата Лав XIV ја посети институцијата во Кастел Гандолфо, управувана од Конгрегацијата на сестрите на Света Марта, и помина околу еден час со лицата што живеат во резиденцијата, поканувајќи ги да бидат сведоци на молитвата и верата.
Папата Лав XIV во понеделник 21 јули 2025 година, го посети Домот за стари лица „Света Марта“ во Кастел Гандолфо, каде што со радост го пречекаа околу дваесетина постари жени на возраст меѓу 80 и 101 година. Канцеларијата за печат на Светиот Престол извести за посетата на Светиот Отец, кој беше пречекан од монашката заедница и во придружба на поглаварката, се задржа во молитва во капелата, по што се посвети на разговор со корисниците и монахињите.
Време за молитва
Во соопштението се вели дека откако ја поздравил младата медицинска сестра и се помолил заедно со неколку песни, Папата упатил неколку зборови до сите присутни. Се осврнал на темите на песните што биле испеани и на вчерашниот евангелски пасус за Марта и Марија, охрабрувајќи ги сите да го слушаат словото Исусово и да се посветат на молитва во овој период од животот, прифаќајќи го примерот на Марија.
Заблагодарувајќи се за молитвата, Римскиот епископ ја нагласи нејзината важност, која е многу поголема отколку што можеме да замислиме – рече тој, додавајќи: Возраста не е важна: Исус сака да ни се приближи, ни доаѓа како гостин и нè поканува да бидеме сведоци, без разлика дали сме млади или не толку млади.
Сведоци на верата
Вие сте знаци на надеж, дадовте многу во вашите животи – заклучи папата Лав XIV и ги повика да продолжат да бидат сведоци на молитвата и верата, семејство кое на Господ му го дава она што го има. Откако заедно се помолија со молитвата „Оче наш“, Светиот Отец помина некое време разгледувајќи ја установата, а потоа се врати во Вила Барберини.
Ватикан њуз/к.мк