Говорот на Папата го означи почетокот на работата на конзисториумот во Ватикан со членовите на Кардиналскиот колегиум. Светиот Отец ја истакна синодалноста како пат што Бог го бара од Црквата на третиот милениум и повика на единство што привлекува, додека поделбите растерува. Од начинот на кој учиме да работиме заедно, може да започне нешто ново, што ги вклучува сегашноста и иднината.
Тука сум да слушам – со овие зборови папата Лав XIV го отвори на 7 јануари 2026 година вонредниот конзисториум, кој се одржува во Ватикан на 7 и 8 јануари. Како своја методологија на работа тој ја наведе веќе усвоената за време на двете собранија на Епископската синода (2023 и 2024), а тоа е слушање. Не треба да дојдеме до текст, туку да водиме разговор што ќе ми помогне во мојата служба за посланието на целата Црква. Секој таков момент е можност да го продлабочиме нашето заедничко вреднување на синодалноста – нагласи Папата во својот воведен говор во Синодалната сал, каде што се собраа повеќето членови на Кардиналскиот колегиум, и додаде:
Патот на синодалноста е патот што Бог го очекува од Црквата на третиот милениум.
Преглед на идниот пат
Оваа дводневна заедничка средба ќе биде наговестување за нашето идно патување – нагласи Светиот Отец. Од начинот на кој учиме да работиме заедно, во братство и искрено пријателство, може да започне нешто ново, кое ги вклучува сегашноста и иднината. Потоа, Римскиот епископ ги повтори на кардиналите карактеристиките и целите на оваа важна средба: „Момент на заедништво и братство, на размислување и споделување, насочена кон обезбедување поддршка и совет на Светиот Отец во вршењето на неговата голема и тешка одговорност во управувањето со универзалната Црква“.
Теми: Послание, навестување на Евангелието, Синода, Литургија
На кардиналите им беа понудени четири теми за нивната работа на конзисториумот. Прво, Апостолскиот поттик Evangelii gaudium како еден вид програма на понтификатот на папата Фрањо, а потоа и посланието на Црквата во денешниот свет. Друга тема беше Апостолската конституција Praedicate Evangelium, или службата на Светиот Престол посебно на одредени Цркви, како и темите за Синодата и синодалноста како средство и стил на соработка, и Литургијата како извор и врв на христијанскиот живот.
Поради временските ограничувања и со цел да се овозможи продлабочување на темите, кардиналите гласаа за две теми кои се предмет на посебно внимание на дводневниот состанок, имено синодалноста и мисионерската дејност во светлина на Evangelii gaudium.
Заемно слушање
Светиот Отец го објасни начинот на кој функционира конзисториумот, нагласувајќи дека е важно да се слуша умот, срцето и духот на секој кардинал; да се слушаат едни со други, да се презентира само главната идеја и многу кратко, за да можат сите да зборуваат. Тој нагласи дека во иднина овој стил на слушање едни со други, барање водство од Светиот Дух и заедничко одење, ќе биде од голема помош за Петровата служба што му е доверена.
Учењето на конституцијата Lumen gentium
Потоа, Римскиот епископ се осврна на Lumen gentium, Конституција на Вториот ватикански собор, за да ја повтори визијата за светлината Господова што им овозможува на сите народи да одат среде темнината на светот. Оваа визија најде израз во понтификатите на Свети Павле VI и Свети Иван Павле II, а беше земена и повторно нагласена од папата Бенедикт XVI и папата Фрањо, сумирајќи ја во еден збор: привлечност. Папата Лав XIV, исто така, нагласи дека силата што ја управува оваа привлечност е Charis, Agape, или Љубовта Божја воплотена во Христос и дадена на Црквата, и додаде:
Навистина, не е Црквата таа што привлекува, туку Христос, и ако некој христијанин или црковна заедница привлекува, тоа е затоа што низ тој канал тече животната сила на Љубовта што извира од Срцето на Спасителот.
Петровиот наследник истакна дека е значајно во оваа смисла што папата Фрањо го започна својот понтификат со Evangelii gaudium за навестување на Евангелието во денешниот свет, а го заврши со Dilexit nos за божествената и човечка љубов на Срцето Христово.
Модел на колегијалност
Единството привлекува, поделбата растерува – забележа на крајот Петровиот наследник. Затоа, за да бидеме вистинска мисионерска Црква, односно способна да сведочиме за привлечната сила на Христовата љубов, прво мора да ја спроведеме во дело неговата заповед: „Љубете се едни со други како што ве возљубив Јас“. Ова е, затоа, почетната точка за првиот конзисториум и за заедничкото патување што нè очекува. Ние сме многу разновидна група – додаде Светиот Отец – збогатена со различно потекло, култури, црковни и општествени традиции, формативно и академски, пастирски искуства и, секако, карактеристики и лични особини. Пред сè, повикани сме да се запознаеме и да разговараме за да можеме да работиме заедно во служба на Црквата. Се надевам дека ќе можеме да растеме во заедништво за да обезбедиме модел на колегијалност – заклучи папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

