Папата Лав XIV го заврши своето апостолско патување во Уругвај со повик до семејствата и верниците од сите генерации да продолжат да ја пренесуваат верата и со својот живот да им го приближуваат Христос на другите.
„Ве носам во моето срце“, им порача Светиот Отец на Уругвајците на крајот од Светата Литургија во Флорида, на празникот на Пресвета Богородица од Триесет и Тројцата, заштитничка на земјата.
Папата им се заблагодари на граѓанските и црковните власти, волонтерите, семејствата и заедниците кои учествуваа во организацијата и го пречекаа во текот на неговата посета.
„Таква е математиката на верата, она што сме го примиле и слободно го даваме, со Божјата благодат, се множи, отвора нови хоризонти и ги збогатува нашите животи“, рече папата Лав.
Во завршната порака тој посебно се осврна на семејствата и на пренесување на верата од една генерација на друга. Ги спомна мајките кои ги научиле своите деца на првите молитви и бабите кои со својот пример го внесувале Бога во секојдневниот семеен живот.
Папата призна дека за многу родители и баби е болна реалноста што нивните деца или внуци денес се оддалечиле од Црквата и престанале да се молат.
„Не сметајте го она што сте го посеале за изгубено“, им порача Светиот Отец, охрабрувајќи ги да продолжат со молитва, трпение и надеж.
Во текот на патувањето Папата повеќепати ја нагласи потребата христијаните активно да им се приближуваат на луѓето. Во Флорида ги повика верниците да го направат првиот чекор кон децата, пријателите, соседите и оние кои се оддалечиле од верата.
„Постојат врати што вие не можете да ги отворите, но Бог може“, рече тој.
Папата се осврна и на младите, семејствата и волонтерите што ги сретна во Монтевидео, Пајсанду и Флорида, истакнувајќи дека сведочењето на верата не зависи од бројноста.
„За да шириме многу светлина, не треба да бидеме многубројни, туку да ја одразуваме Господовата светлина“, порача папата Лав XIV.
Завршувајќи ја посетата, Светиот Отец ги охрабри Уругвајците да продолжат да се приближуваат до другите, да благословуваат и да го сеат семето на верата, со доверба дека Бог може да му даде плод.
Ватикан њуз/к.мк

