Светиот Отец испрати телеграма до Унијата на методистичката и валдензанската црква по повод нивната Синода, кој оваа недела се одржува на северот на Италија
Во телеграмата испратена од државниот секретар кардиналот Пјетро Паролин во име на Папата до учесниците на Синодата на Унијата на методистичката и валдензанската црква, што се одржува оваа недела недалеку од Торино, папата Фрањо ги повика своите сохристијани на заедничко сведочење на Евангелието.
Во телеграмата ги поздравува членовите на Синодата и изрази надеж дека средбата ќе биде можност сите членови длабоко да го искусат Христос кој прифаќа и води кон полно заедништво со Господ и неговите браќа.
Папата Фрањо му се заблагодари на Бога Отецот за даровите постигнати преку екуменскиот дијалог, како и за хармоничната соработка меѓу христијанските деноминации. Напомена и дека сака духовно да се обединиме по повод овој значаен настан, за да можеме сите да растеме во меѓусебното познавање и сведочењето на Исусовото евангелие.
На крајот тој упати најубави желби за работата на Синодалното собрание и молеше за благослов од Господа.
Унијата на методистичката и валдензанската црква е италијанска обединета црква основана во 1975 година, која ги обединува Валдензанската евангелистичка црква и Евангелско-методистичката црква во Италија. Унијата има околу 50.000 членови, од кои 45.000 се Валдензи, најмногу во Италија, но ги има и во Аргентина и Уругвај. Методисти има околу 5.000.
Ватикан њуз/к.мк