Папата ги осуди масакрите во ДР Конго и апелира за заштита на цивилите

Папата ги осуди масакрите во ДР Конго и апелира за заштита на цивилите

Во својот пладневен поттик пред молитвата Ангел Господов во недела 16 јуни 2024 година, папата Фрањо упати апел за Конго, другите области каде има конфликти и ги спомна христијаните убиени од омраза кон верата – odium fidei

Драги браќа и сестри,

Вчера во Краков беше прогласен за блажен Микеле Рапач, свештеник и маченик, пастир по срцето Христово, верен и дарежлив сведок на евангелието кој ги доживеа и нацистичките и советските прогони и одговори со дарот на животот. Аплауз за новиот блаженик!

Продолжуваат да пристигнуваат тажни вести за конфликти и масакри во источниот дел на Демократска Република Конго. Апелирам до националните власти и меѓународната заедница да направат се што е можно за да се запре насилството и да се заштитат животите на цивилите. Меѓу жртвите има и многу христијани убиени од омраза кон верата – odium fidei. Тие се маченици. Нивната жртва е семе кое никнува и донесува плод и нè учи да сведочиме за Евангелието храбро и доследно.

Да не престануваме да молиме за мир во Украина, во Светата Земја, во Судан, во Мјанмар и секаде каде што се страда поради војна.

Ве поздравувам сите, Римјани и ходочесници! Посебно ги поздравувам верниците од Либан, Египет и Шпанија; учесници на „Лондонската школа за ораторство“; учениците од бискупијата Ополе во Полска и оние од Будимпешта-Албертфалва; учесници на Европскиот лаички форум на тема „Вера, уметност и синодалност“; и група мајки на конгоанската католичка заедница од Рим. Тие мајки добро пеат! Би сакал повторно да слушнам како пејат.

Ги поздравувам верниците од Карини, Катанија, Сиракуза и Месина; Првите причестници и миропомазаници од Местрин, миропомазаниците од Кастелсардо (Сасари), од Болгаре (Бергамо) и Камино (Падова); и на крај им се заблагодарувам на крводарителите кои го прославија својот ден.

Ве поздравувам сите и ви посакувам пријатна недела. Ве молам, не заборавајте да молите за мене. Имајте убав ручек и догледање!

Ватикан нуз/к.мк

 

 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот