На крајот од Генералната аудиенција на 15 март 2023 година, папата Фрањо го спомна маченичкиот украински народ и потсети на важноста на посветените лица присутни во таа земја: Тие се поддршка на Божјиот народ. Освен тоа, Светиот Отец ја изрази својата близина со Малави, кој беше погоден од циклонот Фреди, во кој загинаа околу 130 луѓе. Благодарејќи им на аргентинските лидери за честитиките по повод десетгодишниот понтификат, тој ги охрабри да останат обединети.
Во мислите на Папата, неминовно, постојано, веќе една година е Украина. На крајот од Генералната аудиенција, одржана на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо тој маченички народ, жртва на руската агресија, го довери на Богородица, Утешителока на страдалниците и Царица на мирот. Во таа прилика Папата додаде посебен апел:
Ги молам завојуваните страни да ги почитуваат верските места.
Важноста на посветените лица
Мислите на Папата посебно се упатени до православните монахињи од Киевската Лавра. Тој ја истакна важноста на посветените лица, од која било вероисповед, присутни во таа земја.
Заветените монахињи, лица посветени на молитвата – од која било вероисповед – се поддршка за Божјиот народ.
Циклон во Малави
Светиот Отец потоа се осврна на Малави, земја погодена од разорниот тропски циклон Фреди, кој предизвика околу 130 жртви во текот на три недели, посебно погодувајќи го градот Бланир и остави зад себе пустош и хаос.
Се молам за загинатите, ранетите и бегалците. Господ нека им помогне на семејствата и заедниците кои се најмногу искушувани од оваа природна катастрофа.
Благодарност до аргентинските челници
На крајот, во поздравите на различни јазици, обраќајќи им се посебно на верниците и ходочасниците од шпанското говорно подрачје, Папата им се заблагодари на аргентинските политичари и општествени лидери кои му испратија писмо со честитки за десет години понтификат што го прослави на 13 март, при што папата Фрањо рече: Ви благодариме за тој гест. Ми паѓа на памет да ви кажам – исто како што се собравте да го потпишете тоа писмо – колку е убаво да се соберете да разговарате, да расправате и да ја водите напред својата земја.
Ватикан њуз/к.мк