Папата Фрањо испрати писмо до нунцијот во Украина, надбискупот Кулбокас, по повод 1.000 дена од избувнувањето на конфликтот во таа земја, во кое му се заблагодарува што остнал со народот во текот на долгиот период на страдање. Папата моли од Бога да ги преобрати срцата и да ги подготви да се упатат по патот на дијалог, помирување и слога и сака зборот „мир“ да одекне во семејствата, домовите и на улиците. Бог, истакнува Папата, ќе бара објаснување за сите пролеани солзи
Прегратки за сите Украинци, каде и да се. Молитва и тишина, како онаа со која секое утро во 9:00 часот жителите на Киев и други градови се сеќаваат на жртвите од конфликтот и на затворениците кои се во мизерни услови. Апел до оние кои имаат одговорни улоги да можат да поттикнат патишта на дијалог, помирување и слога. Покрај тоа и сигурноста дека Бог секогаш останува со нас дури и кога човечките напори изгледаат залудни, а делата недоволни. Ова го изрази папата Фрањо во кратко, но срдечно писмо упатено до надбискупот Висвалдас Кулбокас, апостолски нунциј во Украина, по повод тажното одбележување на илјада дена од почетокот на големата руска воена агресија. Тоа е страшна трагедија – забележува Папата – за која Божјиот збор ќе биде последен.
Нека се преобратат срцата
Зборовите кои Папата ги упатува до својот претставник во таа – како што напиша – страдална и сакана земја, не се „едноставни зборови“ полни со солидарност. Напротив – напиша папата Фрањо – тие се жестока молитва кон Бога, единствен извор на животот, надежта и мудроста, за да ги преобрати срцата и да ги направи способни да тргнат по патот на дијалог, помирување и слога.
Зборот „МИР“ нека одекне насекаде
Папата го упатува својот поглед кон сите Украинци и вели дека е свесен дека ниту еден човечки збор не може да ги заштити нивните животи од секојдневните бомбардирања, ниту да ги утеши оние кои жалат за загинатите, ниту да лекуваат ранети, ниту да ги вратат децата во татковината, ниту пак да ги ослободи затворениците, ниту да ги ублажи тешките последици од зимата, ниту да ја врати правдата и мирот. Сепак, ова не ја отстранува надежта дека зборот „МИР“ – напишан со големи букви, за да се истакне силата на оваа желба – која, за жал, денешниот свет ја заборави, повторно нека одекне во семејствата, домовите и плоштадите на милата Украина. За жал, барем засега тоа не е така – забележува Папата.
Соединет во молитва со Украинците
Потоа вети дека неговата молитва ќе ја соедини со молитвата на Украинците кои секое утро во 9:00 часот, со „национална минута молк“, болно се сеќаваат на бројните жртви на конфликтот, деца и возрасни, цивили и војници, како и затвореници кои често се наоѓаат во мизерни услови. Им се придружувам за да биде посилен крикот што се воздигнува до небото, од каде што ни доаѓа помошта: „Мојата помош е од Господ, Кој ги создаде небото и земјата“ (Пс 120) – истакна Папата.
Солзи за кои Господ ќе бара објаснување
Писмото завршува со молитва до Бога, собирајќи си сите пролеани солзи за кои ќе бара објаснување, да ги утеши срцата и да ја зајакне надежта во негово присуство: Бог ќе го каже последниот збор за оваа страшна трагедија – истакна Светиот Отец и го упати својот благослов до целиот украински народ, почнувајќи од бискупите и свештениците, со кои ти, драг брате, – му пишува папата Фрањо на нунцијот Кулбокас – остана со синовите и ќерките на овој народ во овие илјада денови страдања.
Ватикан њуз/к.мк