Папата во затворот Палмазола

„Пред вас стои еден човек, на кого му се простени многу свои гревови”, овие зборови Папата Фрањо ги упати во Центарот за превоспитување Санта Круз – Палмазола,

кој го посети пред неговата средба со боливиските епископи и пред заминувањето од Боливија. Палмазола, важи за еден од најозогласените затвори во Латинска Америка, но истовремено уникатен, бидејќи затворениците се „самоуправуваат”. Во него 5500 затвореници коегзистираат со своите семејства, а затворот станал еден град. Со овој последен јавен настап во Боливија, Папата ја изрази својата близина со затворениците.

„Не можев да ја напуштам Боливија без да дојдам кај вас и без да ја споделам надежта која се раѓа од саможртвената љубов од крстот. Ви благодарам за приемот”, рече возбуден Папата. „Можете да се запрашате кој стои пред вас? Сакам да ви одговорам со убедувањето во мојот живот. Пред вас стои еден поедноставен човек кој е спасен од своите многубројни гревови. Не можам да ви понудам многу, но она што го имам и сакам, сакам да го споделам со вас: Исус Христос, милосрдието на Отецот”.

„Тој дојде да ни ја покаже и да ја направи видлива љубовта на Бог кон нас. За вас, за мене. Една активна и реална љубов. Љубов, која исцелува, простува, воздига, која го враќа достоинството. Она достоинство што можеме да го изгубиме на илјадници начини и форми. Но Исус е упорен во тоа: токму затоа ни го дарува животот, за да ни го врати загубениот идентитет”.

„Учениците на Исус, Петар и Павле, исто биле затвореници и лишени од слобода”, потсети Папата Фрањо. Пред овие околности постои нешто што ги одржува и што не им дозволува да влезат во очајот и темнината. Тоа нешто е молитвата. Личната и заедничката”. Молитвата, објасни Папата, нѐ „заштитува од очај и нѐ поттикнува да го продолжиме нашиот пат”.

„Кога Исус влегува во животот на некого, тој не останува заробеник на своето минато, туку почнува да гледа во себе и на своето делување со различни очи. Не останува закотвен на настанот, туку е во состојба да плаче и да најде сили да почне одново”. „Ако понекогаш се чувствуваме тажни и депресивни, ве повикувам да погледнете во ликот на распнатиот Исус. Сите можеме да Му ги довериме нашите рани, болки и дури нашите гревови. Во неговите рани има место и за нашите рани”. „Исус умре за вас и за мене, за да ни подаде рака и повторно да нѐ подигне”. Оваа доверба нѐ поттикнува да се грижиме за нашето достоинство “.

„Губењето на слободата не значи исклучување, бидејќи е дел од процесот на социјална реинтеграција”, предупреди папата Фрањо. „Има многу работи кои не се во ваша корист: пренаселеноста, бавноста на правдата, недостатокот на мерки за вработување и рехабилитациски политики, насилство … Сето ова покажува потреба од брза и активна соработка меѓу институциите за наоѓање на одговори”.

„Делумно соживотот зависи од вас – истакна Папата. Страдањето и недостатоците можат да го направат срцето себично и да предизвика конфликти, но ние сме способни да ги трансформираме во вистинско братство. Помагајте си. Разговарајте. Не плашете се да си помагате едни на други. Ѓаволот се стреми кон ривалство, поделба и судир. Борете се за да продолжите напред”.

На крајот Папата им даде на затворениците и на вработените во Центарот за превоспитување една „важна задача во процесот на реинтеграцијата”: „подигнувајте, не понижувајте; ценете го достоинството, не го потценувајте, охрабрувајте, не огорчувајте, отфрлете ја логиката на добри и лоши во име на на човечката помош”.

РВ/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот