Првото јавно обраќање на папата Фрањо на тлото на Бахреин беше на средбата со претставници на властите, граѓанското општество и дипломатскиот кор во кралската палата Сахир на 3 ноември 2022 година.
Поздравувајќи најпрво со зборовите „ас-саламу алејкум“, папата Фрањо му изрази благодарност на кралот за поканата и пречекот во Бахреин.
Во Кралството Бахреин, „каде што морските води го опкружуваат песокот на пустината, а воодушевувачките облакодери се издигнуваат покрај традиционалните источни пазари“, се спојуваат многу различни реалности, истакна Папата. Се спојуваат старото и модерното, мешавина од традиција и напредок, а пред сè, луѓето од различно потекло „создаваат необичен мозаик на живот“.
Како вдахновение за својот говор, папата Фрањо зеде еден „знак на виталност“ на Бахреин, т.н. „Дрво на животот“ ( Шахарат-ал-Хајат ): 10-метарско дрво старо 400 години во неплоден дел од арапската пустина. Според многумина, тајната на неговиот опстанок во овие услови лежи во неговите корени, кои се протегаат на десетици метри под земја, црпејќи вода од подземните извори.
Од тука, зборувајќи за важноста на корените, Папата истакна дека државата е посветена на истражување и вреднување на минатото. Таа е место со долга историја, каде луѓето доаѓале привлечени од убавината на областа и изворите на свежа вода. Географската положба на Бахреин, талентите и комерцијалните способности на неговиот народ, заедно со историските настани, му овозможија да добие форма на крстопат на меѓусебно збогатување меѓу народите, истакна Светиот Отец, додавајќи: „Една работа се издвојува во историјата на оваа земја: таа отсекогаш била место за средба на различни народи“.
Најголемото богатство на Бахреин се покажува во неговата етничка и културна различност и во мирниот соживот и традиционалното гостопримство на неговиот народ, рече папата Фрањо. „На овие острови можеме да му се восхитуваме на сложеното, мултиетничко и мултирелигиозно општество, способно да го надмине ризикот од изолација. Ова е многу важно во нашево време, кога тенденцијата да се фокусираме исклучиво на себе и нашите посебни интереси не спречува да ја цениме суштинската важност на пошироката целина“. Бројни групи во Бахреин сведочат дека „можеме и мораме“ да живееме заедно во свет кој стана „глобално село“.
„Навистина, иако глобализацијата се вкорени, на многу начини сè уште ни недостасува „духот на селото““, рече Папата. Сведоци сме на масовното ширење на рамнодушност и меѓусебна недоверба, пораст на ривалства и конфликти за кои се надевавме дека се минато, и форми на популизам, екстремизам и империјализам кои ја загрозуваат безбедноста на сите. „И покрај напредокот и толку многу форми на општествени и научни достигнувања, културните разлики меѓу различни делови од светот се зголемуваат, а деструктивните ставови на конфликт се претпочитаат повеќе од корисните можности за плодни средби“.
Во „засушената пустина на човечкиот соживот“ потребно е да се донесе „водата на братството“, истакна Светиот Отец. „Овде сум, во оваа земја на Дрвото на животот, како сејач на мирот, со цел да ги искусам овие денови на средба и учество на форумот за дијалог меѓу Истокот и Западот за мирен човечки соживот. Им благодарам и на моите придружници, особено на верските претставници. Овие денови бележат драгоцена етапа на патот на пријателството што се интензивираше во последните години со различни исламски верски водачи, станува збор за братски пат, кој под погледот на небото, се стреми да го негува мирот на земјата“.
Изразувајќи ја својата благодарност за меѓународните конференции и можностите за средби кои Бахреин ги организира и промовира, Папата рече дека темите за почитување, толеранција и верска слобода се основни теми признати во Уставот на Кралството. Како прво, тоа се „обврски кои треба постојано да се практикуваат“ со цел верската слобода да биде целосна и конкретно да се признае достоинството и еднаквите можности за секоја група и за секој поединец, да не се нарушуваат основните човекови права, туку да се промовираат. „Мислам пред се на правото на живот, на потребата секогаш да се гарантира тоа право, вклучително и оние кои се казнети, на кои не треба да им се одземе животот.“
Со текот на времето, бројни гранки од „Дрвото на животот“ дале изобилно лисје, кои го зголемиле дрвото во висина и ширина. Така, придонесот на многу поединци од различни народи овозможи значително зголемување на продуктивноста во Бахреин. Земјата има едно од највисоките нивоа на доселување во светот – околу половина од локалното население се странци, истакна Папата. „Истовремено, мораме да признаеме дека во нашиот свет стапката на невработеност е сè уште превисока, а премногу работа всушност е дехуманизирање. Ова не само што повлекува голем ризик од социјална нестабилност, туку претставува и закана за човечкото достоинство“. Работата е право, истакна Папата, неопходно за целосен сопствен развој и обликување на вистинско хумано општество.
Истакнувајќи ја глобалната работна криза, Светиот Отец повтори дека работата е скапоцена и повика на гаранција работните услови се насекаде да бидат безбедни и достоинствени, да го поттикнуваат, а не да го попречуваат културниот и духовниот раст на луѓето, да служат за подобрување социјална кохезија, во корист на заедничкиот живот и развој на секоја земја. Бахреин, рече тој, „може да се гордее со својот важен придонес во овој поглед“, истакнувајќи го меѓу другото и првото училиште за жени во Заливот и укинувањето на ропството.
На крајот, Папата истакна две клучни области кои се посебен предизвик за одговорните во служењето на општото добро. Пред се, тоа е прашањето за животната средина. „Неуморно работиме да се соочиме со оваа драматична криза и да донесеме конкретни и далекувидни одлуки вдахновени од грижата за генерациите што доаѓаат, пред да биде доцна и да биде загрозена нивната иднина! Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP27), која за неколку дена ќе се одржи во Египет, нека означи чекор напред во тој поглед!“
Второто прашање е повикот на секој маж и жена да цвета животот. Сепак, денес сме сведоци на смртоносни потфати и закани. „Посебно мислам на монструозната и бесмислена реалност на војната, која сее уништување насекаде и ја уништува надежта. Војната го извлекува најлошото кај човекот: себичност, насилство и нечесност. Затоа што војната, секоја војна со себе носи смрт на вистината. Да ја отфрлиме логиката на оружјето и да го смениме правецот, пренасочувајќи ги огромните воени трошоци за инвестиции во борбата против гладот и недостатокот на здравствена заштита и образование. Длабоко жалам за сите овие конфликти“. Поздравувајќи ги земјите од Арапскиот Полуостров, Папата на посебен начин го истакна Јемен, „растргнат од заборавената војна“. „Посебно во моите молитви си спомнувам на цивилите, децата, старите лица и болните. И ве молам: Нека престане ѕвекотот на оружјето! Да бидеме посветени, секаде и конкретно, во градењето на мирот!“
„Денеска сум овде како верник, како христијанин, како човек и како ходочасник на мирот, затоа што денес, повеќе од кога било, сме повикани, насекаде, да заземеме сериозен став за миротворство“, рече Папата на крајот на неговото прво јавно обраќање во Бахреин.
Ватикан њуз/к.мк