Папата во базиликата „Свети Августин“: „Христос нè повикува целосно да ги обновиме нашите животи“
Папата Лав XIV, првиот папа Августинец, служеше света Литургија во базиликата „Свети Августин“ во Анаба, Алжир, и ги потсети верниците дека, по примерот на големиот светец и Учител на Црквата, никогаш не е предоцна да се прифати Господовиот повик да нè подигне од нашите тешкотии и искушенија и, со Неговата сила, да ги обнови и преобрази нашите животи.
„Најдраги христијани во Алжир, вие останувате скромен и верен знак на Христовата љубов во оваа земја. Сведочете го Евангелието преку едноставни гестови, искрени односи и дијалог што се живее секој ден. Така внесувате вкус и светлина во местата каде што живеете.“ Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати на верниците за време на светата Литургија што ја служеше во базиликата „Свети Августин“ во Анаба, во рамките на неговиот престој во Алжир, првата станица од неговото апостолско патување во Африка.
Папата потсети дека „тука се молеле мачениците“ и „тука Свети Августин го љубел своето стадо“, ревносно барајќи ја вистината и служејќи Му на Христос со горлива вера. Тој ги повика верниците да станат наследници на таа традиција, сведочејќи преку братска љубов и живеејќи во слободата на оние што се „родени одозгора“, како знак на надеж за светот.
Во почетокот на проповедта, Светиот Отец забележа дека, иако имињата на местата низ вековите се менувале, светците остануваат наши застапници и верни сведоци, зачувувајќи ја врската со татковината што е на небесата.
Потсетувајќи дека Христос низ историјата ги повикува светците на нов живот, „да се родат одозгора“, Папата нагласи дека истиот повик денес им се упатува на сите што го бараат спасението. Тој повик, рече, ја раѓа и мисијата на целата Црква, вклучително и на христијанската заедница во Алжир. Според него, гледано од таа перспектива, верата ги надминува земните тешкотии, а „Господовата благодат прави пустината да расцвета“.
Христос нè повикува да ги обновиме нашите животи
Папата призна дека Христовите зборови „треба да се родите одозгора“ можат да звучат како заповед што изгледа недостижна. Но, кога внимателно се слушаат, објасни тој, тие не се сурово наметнување, ниту ограничување, а уште помалку осуда на човечкиот неуспех. Напротив, тие се дар на слободата, затоа што ни откриваат дека, благодарение на Бога, можеме повторно да се родиме одозгора.
Папата нагласи дека сме повикани да го прифатиме овој дар според Божјата волја, која сака да го обнови човештвото, воведувајќи нè во заедништов што започнува со верата. Иако Христос нè повикува целосно да ги обновиме нашите животи, Тој воедно ни ја дава и потребната сила за тоа.
Како и многумина пред нас, рече Папата, и ние често го прашуваме Господа дали нашиот живот навистина може да се измени, особено кога сме обременети со проблеми, тешкотии и неволји. Одговорот, нагласи тој, е јасно „да“, затоа што Господ, во својата голема љубов, го прави тоа можно.
Исус ги носи нашите товари со нас и за нас
Без оглед колку е тежок нашиот грев или нашата болка, Папата истакна дека Господ ги носи тие товари со нас и за нас.
„Без разлика колку сме обесхрабрени од сопствените слабости, токму тогаш Бог ја покажува својата сила“, рече Светиот Отец. Тој потсети дека Бог го воскресна Христос од мртвите за да му дарува живот на светот и дека секој од нас може да ја вкуси слободата на новиот живот што произлегува од верата во Спасителот. На тој начин, рече Папата, христијаните навистина се раѓаат одозгора, обновени од Бога како браќа и сестри на Исус, хранети од Црквата преку светите Тајни.
Заедница на милосрдие и сведоштво
Папата потоа ги повика верниците да размислат за видливите плодови на духовното единство меѓу христијаните, каде што секој споделува со другиот како член на едно тело.
Во услови на сиромаштија и угнетување, потсети Светиот Отец, основното начело за христијаните останува милосрдието. Вдахновена од тој закон, врежан во срцата од Бога, Црквата постојано се обновува и носи надеж, достоинство и помирување таму каде што тие се најпотребни.
Папата Лав нагласи дека Црквата ги прегрнува луѓето од секој јазик и култура. Потсетувајќи на сведоштвото на апостолите за воскресението на Господ Исус, тој рече дека милосрдието што ги поттикнува не е само морална обврска, туку знак на спасението, бидејќи апостолите навестуваат дека нашите животи навистина можат да се променат затоа што Христос воскресна од мртвите.
Пастирите се повикани постојано да ја обновуваат својата мисија
Обраќајќи им се на епископите и на свештениците, Папата ги повика постојано да ја обновуваат својата мисија заради оние што им се доверени и ги потсети дека целата Црква треба да биде порака на нов живот за сите што ги среќава.
Затоа тој ги предупреди пастирите да не дозволат стравот да ги заведе, ниту различните предизвици да го ослабнат нивното сведоштво. По примерот на Свети Августин и на мачениците, папата Лав XIV ги охрабри христијаните во Алжир да бидат сол и светлина во својата земја.
„Најдраги христијани во Алжир, вие останувате скромен и верен знак на Христовата љубов во оваа земја“, рече тој, поттикнувајќи ги: „Сведочете го Евангелието преку едноставни гестови, искрени односи и дијалог што се живее секој ден. Така внесувате вкус и светлина во местата каде што живеете.“
Ватикан њуз/к.мк
За авторот
Слични написи
Папата Лав повика на прекин на огнот во Газа за време на телефонски разговор со израелскиот премиер Нетанјаху

