Папата: Во Африка сум за да ги охрабрам католиците, а не да дебатирам со Трамп

Папата: Во Африка сум за да ги охрабрам католиците, а не да дебатирам со Трамп

На летот кон Луанда, Ангола, третата етапа од неговото апостолско патување, папата Лав XIV ги поздрави новинарите што го придружуваа во изминатите денови и му заблагодари на Камерун за срдечното добредојде. Притоа појасни дека неговите говори биле подготвувани со недели однапред и не треба да се толкуваат како обид повторно да влезе во расправа со американскиот претседател.

Папата Лав XIV даде позитивна оценка за трите дена поминати во Камерун, земја која, според неговите зборови, „го претставува срцето на Африка на многу различни начини“, и поради англискиот и францускиот јазик, и поради околу 250 локални јазици.

На летот кон Ангола, третата станица од неговото апостолско патување низ Африка, Папата ги поздрави новинарите што патуваа со него веднаш по полетувањето, со желба да им се заблагодари за нивната работа, но и да појасни некои прашања околу толкувањето на неговите зборови во изминатите денови.

„Се создаде одреден наратив што не беше точен во сите свои аспекти, поради политичката ситуација што настана кога, на првиот ден од патувањето, претседателот на Соединетите Американски Држави даде некои коментари за мене“, рече папата Лав XIV.

Тој се осврна на критиките што американскиот претседател Доналд Трамп ги упати кон него на почетокот на неделата, на кои Папата веќе одговори за време на летот од Рим. Но, иако Трамп, како и потпретседателот Џеј Ди Венс, продолжиле со критички коментари и во следните денови, за папата Лав XIV таа тема била затворена уште првиот ден.

„Голем дел од она што беше напишано потоа претставуваше коментар на коментарот, обид да се протолкува кажаното“, истакна Папата. Како пример го наведе важниот говор одржан на Молитвената средба за мир на 16 април, за кој рече дека бил подготвен две недели порано, многу пред воопшто да биде спомнат во јавните коментари. Сепак, тој говор бил сфатен како нов обид за дебата со претседателот, што, како што нагласи, воопшто не е негова намера.

Папата повтори дека неговата главна мисија е јасна: „Првенствено доаѓам во Африка како пастир, како поглавар на Католичката црква, за да бидам со католиците, да славам со нив, да ги охрабрам и да ги придружувам низ цела Африка.“

Истовремено, тој потсети дека посетата има и пошироки димензии. Во таа смисла ја спомена „многу убавата средба“ со група имами во Апостолската нунцијатура во Јаунде, нагласувајќи дека треба да се продолжи со промовирање на дијалогот, братството, разбирањето и градењето мир со луѓе од сите вери.

Светиот Отец се осврна и на посетата на Католичкиот универзитет во Централна Африка, каде што благослови „прекрасен споменик“ со карта на Африка и ликот на Свети Августин во средиштето, објаснувајќи дека токму тоа на симболичен начин го изразува идентитетот на тамошната Црква.

Во својот поздрав Папата го допре и прашањето за нерамномерната распределба на богатството на африканскиот континент. Посебно за Камерун рече дека е земја богата со можности. Сега, продолжувајќи кон Ангола, порача: „Продолжуваме да ја проповедаме евангелската порака“, нагласувајќи ја убавината на христијанскиот живот, следењето на Христос, градењето братство, верата во Господ и барањето начини за унапредување на правдата и мирот во светот.

Преку единствениот камерунски новинар на папскиот лет, Чарлс Ебун од Камерунската радиотелевизија, папата Лав XIV упати порака на благодарност до народот на Камерун за „прекрасниот прием, големиот ентузијазам и радоста на луѓето“. Тој рече дека искуството било „апсолутно фантастично“ и дека бил многу среќен што можел да го доживее заедничкото славење на верата со тамошната заедница.

На крајот, Папата им се заблагодари и на околу 70-те новинари во авионот, изразувајќи надеж дека Господ ќе продолжи да ги благословува сите на тоа патување. Својот поздрав го заврши со зборовите: „Се гледаме во Ангола!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот