Во апелите што ги упати папата Фрањо по молитвата Ангел Господов на 1 јануари 2025 година, силно се слушна поттикот до политичките лидери со христијанска традиција да дадат добар пример со спроведување на предлогот на Светскиот ден на мир, кој на општествено ниво се поклопува со значењето на Јубилејот. На почетокот на 2025 година, Папата им се заблагодари на оние кои се залагаат за дијалог и преговори во подрачјата на конфликти и кои демонстрираат за мир
Во присуство на верници, туристи и ходочесници со транспаренти испишани со имиња на делови од светот потиснати од долги конфликти и тензии, од Судан до Ирак, од Авганистан до Светата Земја, од Либан до Украина, папата Фрањо на Светскиот ден на мирот, откако молеше Ангел Господов, го повтори своето „не“ на војната, која секогаш уништува. Покрај тоа, тој побара ниту еден народ да не биде оптоварен со долгови.
Благодарност до оние кои се залагаат за дијалог и мировни преговори
Додека во Газа, поради обилните дождови, поплавени се повеќе од 1.500 шатори во бегалски кампови и засолништа во кои се сместени прогонетите, додека е прогласен прекин на минување на рускиот гас низ Украина, додека во Демократска Република Конго поради војната, хуманитарната криза е многу загрижувачка, а во поранешна Бурма, пописот на населението направен деновиве покажа пад токму поради тензијата во земјата, Папата спомена некои подрачја во светот, како овие, благодарејќи на оние кои се застапуваат во проблематичните подрачја на планетата на дипломатско ниво и кои работат на промовирање на правдата и мирот.
Изразувам благодарност до сите оние кои работат за дијалог и преговарање во многу конфликтни подрачја. Да молиме за крај на борбите во сите воени подрачја и за решителна потрага по мир и помирување. Мислам на страдањата во Украина, Газа, Израел, Мјанмар, [Северен] Киву и многуте народи кои се во војна.
Благодарност до оние кои промовираат настани за мир
Папата им се заблагодари на оние кои организираат настани и молитвени бденија за да го одржат жив копнежот за мир. Постојат бројни иницијативи во сите делови на светот, предводени од епархиски и парохиски заедници, здруженија, движења и црковни групи. Светиот Отец посебно ја спомена традиционалниот италијански национален мировен марш, кој се одржа во саботата во Пезаро. Упати посебен поздрав до учесниците на иницијативата наречена „Мир во сите земји“ организирана од Заедницата Свети Егидиј, чии претставници беа присутни на плоштадот Свети Петар.
Христијанските политички лидери нека го простат долгот на сиромашните земји
Папата потоа потсети на почетоците на Светскиот ден на мирот, со свети Павле VI, кој сакаше првиот ден од годината да биде Светски ден на мирот. Годинава тој ден е целосно вклучен во почетокот на Светата година и токму поради јубилејот беше одбележан со темата за простување на долговите – истакна Папата и упати апел:
Првиот што ги простува долговите е Бог, како што секогаш се молиме со молитва „Оче наш“, мислејќи на нашите гревови и обврзувајќи се за возврат да им простиме на оние што нè повредиле. Јубилејот бара да го пренесеме ова простување на општествено ниво, за ниту еден човек, ниту едно семејство, ниту еден народ да не биде притиснат од долгови. Затоа, ги охрабрувам владетелите на земјите со христијанска традиција да дадат добар пример со тоа што ќе ги избришат или намалат долговите на најсиромашните земји колку што е можно повеќе.
Војната е пораз
Спомнувајќи дека видел видеа и фотографии од уништување предизвикано од војната, Папата го истакна она што го повторува речиси на секој јавен настан, денес придружено со повикот „Борба за мир!“ што им ги упати на некои групи присутни на плоштадот Свети Петар.
Браќа, сестри, војната уништува. Секогаш уништува! Војната е секогаш пораз. Секогаш.
Ватикан њуз/к.мк