Папата: Бог сака да ни го подари својот Син

Папата: Бог сака да ни го подари својот Син

Во својот пладневен наговор на 18 декември 2016 година Светиот Отец говореше за Божјата близина на човештвото. Истакна дека карактеристиката на четвртата недела на Божиќниот пост е „близината“ – близината на Бог до човештвото.

Во центарот на денешното Евангелие се наоѓаат две личности кои – повеќе од било кога – учествуваат во таинството на љубовта: Дева Марија и нејзиниот свршеник Јосиф. Таинството на таа љубов е таинството на близината на Бог до човештвото.

Евангелистот Матеј препознава дека пророштвото на Исаија се остварило во Марија која го зачнала Исуса преку Светиот Дух. Синот Божји доаѓа во нејзиното крило за да стане човек; и Таа Го прифаќа. Така земајќи тело од жена Бог на единствен начин се приближува на човечкото битие. И на нас, исто така на различен начин, Бог ни се приближува со својата милост за да влезе во нашиот живот и да ни го понуди својот Син за дар.

А што правиме ние? Го прифаќа ме ли? Му дозволуваме ли да ни се приближи; или Го одбиваме? – праша Светиот Отец. Како Марија која себе слободно му се принесува на Господ и со тоа Му дозволила да ја измени судбината на човештвото – и ние прифаќајќи го Исус и барајќи начин секојдневно да Го следиме – можеме да учествуваме во Неговиот план за спасение; и нас самите и светот. Марија се истакнува како модел во кој треба да се загледаме и како поддршка на која можеме да сметаме во своето трагање за Бог, во нашето приближување кон Бог, при тоа му дозволуваме да ни се приближи Бог, како и во нашето заземање за градење на цивилизацијата на љубовта.

Вториот протагонист во Евангелието е свети Јосиф. Евангелистот забележува дека тој не наоѓа објаснување за она што пред него се случува, имено – бременоста на Марија. Токму во моментот на сомнеж и страв, Бог му се приближува преку својот гласник и го просветлува во поглед на природата на Богородичното мајчинство: Детето зачнато во неа навистина е од Светиот Дух. Јосиф пред тој извонреден настан кој во него подигнува многу прашања целосно препушта Бог да му се приближи и – следејќи го Неговиот повик – не ја отфрла својата Свршеница, туку ја зема за жена. Прифаќајќи ја Марија, Јосиф свесно и со љубов Го прифатил Оној Кој во неа е зачнат со чудесен Божји зафат. Јосиф нѐ учи на доверба во Бог Кој ни се приближува: кога Бог ни се приближува треба да Му се довериме; да се препуштиме преку доброволната послушност Тој да нѐ води.

Ликовите на Марија и Јосиф кои преку верата први го прегрнале Исуса нѐ воведуваат во таинството на Божиќ. Марија ни помага да бидеме на располагање за да го прифатиме Божјиот Син во својот конкретен живот, во своето тело. Јосиф пак нѐ поттикнува секогаш да ја бараме Божјата волја и да ја следиме со целосна доверба. Двајцата дозволиле Бог да им се приближи – рече Папата.

Светиот Отец понатаму истакна дека ангелот кажал дека Детето ќе се нарече „Емануел“ што значи „Бог со нас“, што исто така значи и „Бог кој ни е близу.“ Се отворам ли јас за Бог Кој ми се приближува; на Господ – својата врата? Кога ќе почувствувам одредено внатрешно вдахновение; дека од мене бара да направам нешто повеќе за другите; кога ме повикува на молитва, праша папата Фрањо.

Ова навестување на надежта која се исполнува на Божиќ нека доведе до остварување на исчекувањето на Бог во сите нас, во целата Црква како и во многу „мали“ кои светот ги отфрла, но кои Бог ги љуби и на кои им се приближува – посака Светиот Отец…

По молитвата Ангел Господов папата Фрањо ги поздрави ходочасниците и упати апел до сите да се молат дијалогот во Декоратска Република Конго да се одвива во ведро расположение за да се избегне секој облик на насилство, за доброто на целата земја.

Заблагодарувајќи им се потоа на сите луѓе и институции кои вчера сакале да му го честитат роденденот предложи во неделата која следува да настојуваме да пронајдеме момент и да застанеме во тишина и мислиме како Пресвета Богородица и свети Јосиф патуваат кон Витлеем; како одат, како поминуваат низ моментите на тешкотија, но и радост; вознемиреност и страв и загриженост.“ За тоа можат да ни помогнат пештерите“ – рече Папата. Да настојуваме да влеземе во вистинскиот Божиќ – оној Исусов – во кој ни приоѓа, „Бог со нас,“ „Бог кој ни е близок,“ за да ја примиме милоста од овој празник; милоста на близината, љубовта, понизноста и нежноста… Во тие моменти – повика на крајот од наговорот Светиот Отец – „не заборавајте да се молите и за мене!“

 РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот