Генерална аудиенција: Бог е присутен и во кревкоста на верниците

Генерална аудиенција: Бог е присутен и во кревкоста на верниците

Папата Лав XIV на Генералната аудиенција во среда, 4 март 2026 година, ја продолжи катехезата за догматската конституција Lumen gentium, задржувајќ

Во денешната катехеза, продолжувајќи го размислувањето за догматската конституција на Вториот ватикански собор за Црквата, Lumen gentium, папата Лав XIV напомена дека во осмиот број од документот Црквата се опишува како „сложена стварност“ и појасни во што се состои таа „сложеност“. Спомна можни одговори, на пример дека Црквата изгледа сложена затоа што е тешко да се објасни нејзината природа, или затоа што една установа со две илјади години историја има обележја различни од која било друга општествена или религиозна група.

Сепак, во латинскиот јазик зборот „сложена“ означува, пред сè, уредено единство на различни видови или димензии во рамките на истата стварност. Затоа Lumen gentium може да потврди дека Црквата е добро уреден организам во кој заедно постојат човечката и божествената димензија, без раздвојување и без мешање.

Папата додаде дека првата димензија е веднаш видлива, бидејќи Црквата е заедница од мажи и жени кои ја делат радоста и напорот на христијанскиот живот, со своите доблести и слабости, навестувајќи го Евангелието и станувајќи знак на Христовата присутност која нè придружува по патот на животот. Сепак, тој вид, кој се покажува и во институционалниот поредок, не е доволен за да се опише вистинската природа на Црквата, затоа што таа има и божествена димензија, истакна Светиот Отец и продолжи:

Црквата не се состои во некакво идеално совршенство или во духовна надмоќ на нејзините членови, туку во тоа што е родена од Божјиот план на љубов кон човештвото, остварен во Христос. Затоа Црквата е истовремено земна заедница и мистично Тело Христово, видливо собрание и духовно таинство, стварност присутна во историјата и ходочеснички народ на пат кон небото.

Човечката и божествената димензија складно се надополнуваат, без едната да ја надвладее другата. Така Црквата живее во овој парадокс: таа е истовремено човечка и божествена стварност, која го прифаќа грешниот човек и го води кон Бог. За да ја осветли оваа состојба, Lumen gentium упатува на Христовиот живот. Имено, оној што Го среќавал Исус по патиштата на Палестина ја доживувал Неговата човечност, но токму преку тоа учениците се отворале за средба со Бог, напомена Светиот Отец и додаде:

Кога, во светлината на Исусовата стварност, ја набљудуваме Црквата одблизу, во неа ја откриваме човечката димензија составена од конкретни личности кои понекогаш ја пројавуваат убавината на Евангелието, а понекогаш се мачат и грешат како и сите.

И токму преку своите членови и преку своите ограничени земни облици се пројавуваат Христовата присутност и Неговото спасително дејствување. Како што поучува Бенедикт XVI, нема спротивност меѓу Евангелието и институцијата. Напротив, црковните структури служат за остварување и конкретизирање на Евангелието во нашето време. Не постои некаква идеална и „чиста“ Црква, одвоена од земјата, туку само една Христова Црква, воплотена во историјата.

Светоста на Црквата се состои во тоа што Христос престојува во неа и продолжува да се дарува преку маленкоста и кревкоста на своите членови. Гледајќи го тоа трајно чудо што се случува во неа, ја разбираме Божјата метода: Тој станува видлив преку слабоста на созданието и продолжува да се открива и да дејствува. Тоа и денес нè оспособува да ја градиме Црквата, не само уредувајќи ги нејзините видливи облици, туку градејќи ја духовната градба која е Христовото Тело, преку заедништво и љубов меѓу нас, заклучи Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот