Не сфативме дека имаме пријател, сојузник, татко кој ни сака добро, туку се потпираме на непосредни и минливи добра, заборавајќи, а понекогаш и одбивајќи го најголемото добро, односно Божјата татковска љубов – истакна папата Фрањо во наговорот на 26 февруари 2017 година, на плоштадот Свети Петар.
Појдовна точка за неговото размислување беше неделното Евангелие (Мт 6, 24-34), во кое Исус зборува за довербата во Божјата провидност.
Светиот Отец рече дека тој евангелски текст е силен потсетник да се доверуваме на Бог, кој дава храна на сите животни, кој се грижи за полските кринови и за тревата во полето, а секојдневно внимателно бдее и над нашите животи. Папата рече дека загриженоста заради многу проблеми може да ни го одземе мирот и рамнотежата, но таа е бескорисна затоа што не може да го промени текот на случувањата. Затоа Исус упорно нѐ повикува да не бидеме загрижени за утре, потсетувајќи нѐ на тоа дека овде е грижливиот Отец Кој никогаш не ги заборава своите деца. Довербата во Бог нема да ги реши сите наши проблеми, но ни овозможува да се соочиме со нив во вистинскиот дух – рече папата Фрањо.
Бог не е далечен и безимен – продолжи Светиот Отец – Тој е нашето засолниште, изворот на нашиот спокој и мир, карпата на нашето спасение, одбрана од злото кое секогаш нѐ демне. Бог е наш голем пријател, сојузник, татко, но ние не сметаме секогаш на Него, туку повеќе се потпираме на непосредните и минливи добра кои можеме да ги допреме, заборавајќи, а понекогаш и одбивајќи го она најголемото добро, односно Божјата татковска љубов. А на оваа возраст на сираци важно е да чувствуваме дека Бог е Отец. „Ние се оддалечуваме од Бог кога опсесивно трагаме по земски добра и богатство, покажувајќи така претерана љубов кон оваа реалност,“ рече Папата.
Папата Фрањо рече дека Исус ни зборува како таа очајна потрага е лажна и причина за несреќа. Господ на своите ученици им го изнесува основното животно правило: „Но, барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (6, 33). Станува збор за тоа да се оствари Исусовиот план, кој го најави во Говорот на гората, доверувајќи се на Бог Кој никогаш не разочарува.
Светиот Отец нагласи дека тој евангелски став – никогаш да не го сметаме дека сѐ зависи од нас – бара јасна одлука: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона“ (6, 24) Или Господ или маѓепсни, но лажни идоли – сите се повикани да го направат тој избор. Таа одлука треба да се донесе јасно и постојано да се повторува затоа што силно нѐ притиска искушението сѐ да сведеме на парите, задоволството и моќта.
Одлуката за Бог и Неговото Царство не ги покажува веднаш своите плодови. Таа одлука човекот ја донесува со надеж и на Бог му го препушта целосното остварување. Христијанската надеж е насочена кон идното исполнување на Божјите ветувања и не се откажува пред тешкотиите затоа што се заснова на Божјата верност која никогаш не престанува. „Тој е верен: верен Отец, верен пријател, верен сојузник,“ рече папата Фрањо и на крајот повика помош од Блажена Дева Марија да ни помогне да се довериме на љубовта на Отецот и добрината која е предуслов за надминување на маките и несреќите во животот, па дури и прогонствата, како што тоа ни го покажува сведоштвото на толку наши браќа и сестри.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк