Папата: без Божјото Слово христијанската заедница слабее
Црква, која не го навестува Словото Божјо се затвора во себе, слабее, се разболува и умира. Ова го посочи папата Фрањо во слово упатено до учесниците на Пленарното собрание на библиската католичка Федерација на тема „Што видовме и чувме ви го навестуваме“ кои ги прими во аудиенција во Ватикан.
Светиот Отец ја нагласи потребата од посебна грижа при подготовката на проповедта, за да може таа да стигне до срцето на верниците. Поздрав до Папата упати новоизбраниот претседател на Федерацијата, кардиналот Луис Антонио Тагле во кое стави акцент на итната потреба од навестување на Словото Божјо „за да се однесе на сите милосрдието, љубовта и надежта“.
Црквата, посочи папата Фрањо, „треба да има храброст, слободата да излезе и да зборува, така како што направи свети Павле. Моделот наведен од Папата е оној на „Црква што излегува, на маченичка Црква“, како што учи апостолот на народите:
„Тоа е Црква, која е на пат. Може да се случи, тоа што се случува и на луѓето по улица: еден инцидент. Но јас сакам повеќе една Црква што е повредена во инцидент, отколку една Црква болна и затворена во себе. Со слобода на изразување и трпение: трпението да ги носи на рамената околностите, но исто така носи и нежноста на повредените верници, кои ѝ се доверени. Една пастирска Црква.
Папата ја истакна тесната врска меѓу Словото Божјо и Евхаристијата. „Црквата се браќата, кои се собираат за да го воспеваат Господ со слабоста на лебот и виното, на Телото Господово“:
„Словото Божјо не е нешто што ни го олеснува животот. Тоа секогаш нѐ става во тешкотии! Кој Го навестува искрено, постојано се соочува со тешкотии и непријатности. Треба да се кажува вистината. Но со нежност, со способноста да се преземат врз плеќи различните ситуации и луѓе “.
Папата Фрањо изрази и својата загриженост за проповедите:
„Направете нешто за да помогнете на вашите соработници – ѓакони, свештеници, епископи – да го даруваат Словото Божјо во проповедите, за да може тоа да стигне до срцето. Една мисла, една слика, едно чувство да стигнат до срцето, да стигне Словото Божјо. Многумина се способни, но грешат и презентираат убава конференција, дисертација, или школа по теологија … Словото Божјо е таинство!“.
Во својот говор, до кардиналот Тагле, папата Фрањо повика „Светото Писмо да биде секогаш извор на евангелизација“. „За да може да се навестува Словото на вистината, мора прво ние да сме го искусиле во нас“.
РВ/В.Н.