Во катехезата на Генералната аудиенција, папата Фрањо зборуваше за Јудита, библиска хероина, како пример за придонесот што постарите можат великодушно да им ги дадат на семејствата и општеството; односот меѓу генерациите треба да се преобликува за да се направи поплодна размената меѓу постарите и младите
Животот на Јудита, лик од Библијата која го бранеше Израел од неговите непријатели и која подоцна се повлече во сопствениот град и во староста се истакна по својата мудрост, може многу да ги поучи постарите од современиот свет – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 11 мај 2022 година на плоштадот Свети Петар. Тој нагласи колку многу направила оваа библиска хероина во текот на нејзините 105 години и истакна дека херојството не е само во големите настани на кои се палат светлата на рефлекторите, туку и во она што често се наоѓа во упорната љубов дадена на семејство во проблеми и во корист на ранлива заедница.
Перспективи за третото доба од животот
Во својата деветта катехеза за староста, папата Фрањо посвети посебно внимание на долгиот живот на Јудита и истакна дека не е невообичаено денес да се има уште многу години живот по пензионирањето. Има и такви кои го гледаат пензионирањето како заслужена и посакувана пауза од тешките и напорни активности, но и се случува и по завршувањето на работата да биде извор на загриженост и да покренува прашања како да се исполни времето. За некои може да биде радосна и напорна обврска да се грижат за внуците – објасни Папата, додавајќи дека бабите и дедовците денес играат многу важна улога во семејството помагајќи да се подигнат внуците, иако сѐ помалку се раѓаат деца, а понекогаш и не е лесно да се усогласи далечината и движењата. Или пак на бабите и дедовците помалку им се доверува просторот на образованието, дозволувајќи им само она што е тесно поврзано со неопходната помош – истакна Папата и напомена: Се појавуваат нови потреби, и на полето на образовните и роднинските односи, кои бараат од нас да го преобликуваме традиционалниот сојуз меѓу генерациите.
Соживот на похумани и попосветени генерации
Меѓутоа, ако соживотот на генерациите, всушност, се пролонгира, дали сите заедно се трудиме да ги направиме похумани, поприврзани, поправедни во новите услови на модерните општества? – праша Папата. За бабите и дедовците, важен дел од нивниот повик е да ги поддржуваат своите деца во подигањето на децата. Малите деца ја учат моќта на нежноста и почитувањето на кревкоста; тоа се незаменливи лекции кои полесно се пренесуваат и примаат од бабите и дедовците. Бабите и дедовците, од друга страна, учат дека нежноста и кревкоста не се само знаци на слабеење; за младите тие се премин што ја прави иднината човечка.
Примерот на Јудита и талентите и харизмите на постарите
Папата потоа ја наведе како пример Јудита, која била млада вдовица и немала деца, но која како постара жена била способна да го живее периодот со исполнетост и смиреност, свесна дека целосно го исполнила посланието што ѝ било доверено од Господ. Оваа жена остави прекрасно наследство на мудрост, нежност, дарови за семејството и заедницата; наследство на добрини, не само добра. Напротив, забележа тој, кога мислиме на наследството, понекогаш мислиме на добрата, а не на добрината направена во староста која е посеана, она добрина што е најдоброто наследство што можеме да го оставиме.
Токму во староста Јудита ѝ дала слобода на својата омилена слугинка, покажувајќи внимателен и човечки поглед кон оние кои ја опкружуваа. Кога ќе се остари, видот малку слабее, но внатрешниот поглед станува попродорен. Гледа со срцето. Станува способен да ги види работите, кои претходно му бегале. Постарите знаат да гледаат и знаат да видат… Господ не им ги доверува своите таленти само на младите и силните; ги има за секого, по сечиј вкус, па и за постарите. Животите на нашите заедници треба да знаат како да уживаат во талентите и харизмите на бројните постари луѓе, кои веќе се административно пензионирани, но кои се богатство што треба да се цени.
„Извори за дарување“ во постарата доба
Со креативност и великодушна дарежливост, постарите луѓе можат да ги направат своите способности да бидат „извор за дарување“ и тоа со нивната грижа, подучување, советување, градење, слушање. По можност во корист на најранливите, кои не можат да си дозволат никакво учење или кои се напуштени во својата осаменост – истакна Папата.
Наследството на мудроста
Навраќајќи се на крајот на катехезата на ликот на Јудита, Папата не ја опиша оваа жена како пензионерка која тажно ја живее својата празнина, туку како посветена старица која со дарови го исполнува времето што и го дава Бог. Притоа, тој ги поттикна сите да ја земат Библијата и да ја прочитаат книгата посветена на Јудита. Таа беше храбра жена – рече папата Фрањо и им посака на нашите баби да бидат такви: храбри, мудри и да не ни остават наследство во пари, туку наследство на мудрост, посеано во нивните внуци.
Ватикан њуз/к.мк