Во сабота, 17 февруари 2024 година, папата Фрањо испрати телеграма со сочувство до фирентинскиот надбискуп и митрополит Џузепе Бетори, откако во петокот на градилиштето на трговски центар во Фиренца настрадаа работници, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
„Слушајќи за трагичниот инцидент на градилиштето на трговскиот центар што се случи вчера утрото во Фиренца, во кој загинаа неколку работници, а други беа повредени, Светиот Отец ја задолжува Вашата Еминенција да изрази до семејствата на жртвите чувства на близина и сочувство заедно со неговото соучество во болката на сите граѓани“, пишува во телеграмата потпишана од државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин.
Исто така се истакнува и дека папата Фрањо повторно апелира за безбедност на работните места, надевајќи се на поголема посветеност од одговорните за заштита на работниците.
Светиот Отец им се заблагодари и на вклучените во спасувањето и порача дека татковски ќе се моли и на сите им испраќа апостолски благослов во знак на духовна близина.
Несреќата се случила кога еден од столбовите се урнал на градилиштето. Четворица работници загинаа, а тројца се повредени.
Ватикан њуз/к.мк