Отец Зоран И. Стојанов и отец Гоце Костов на Меѓународниот конгрес на Реновабис во Фрајзинг

Отец Зоран И. Стојанов и отец Гоце Костов на Меѓународниот конгрес на Реновабис во Фрајзинг

Протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов и протојереј отец Гоце Костов учествуваат на 30. Меѓународен конгрес на Реновабис, кој од 16 до 18 септември се одржува во Фрајзинг, Германија. Конгресот годинава се одржува под мотото „Надвор од поларизацијата – перспективи за општествена кохезија на Исток и Запад“, на кој присуствуваа повеќе од 200 учесници од 26 земји.

Отец Зоран Стојанов, директор на Македонски Каритас, и отец Гоце Костов, директор на Радио Марија, ја претставуваат Католичката црква во Македонија на конгресот, на кој присуствуваат претставници на Црквата, академската заедница, граѓанското општество и општествени организации од повеќе европски земји.

Свечената програма започна на 16 септември со доделувањето на првата награда дијалог ,,Фрајзинг” на Фондацијата „Крајзау за европско разбирање. Во оваа пригода кардиналот Рајнхард Маткс, надбискуп на Минхен и Фрајзинг, ја додели наградата. Конгресот офицјално го отвори следниот ден генералниот директор на Реновабис, отец професор д-р Томас Шварц, и берлинскиот надбискуп Хајнер Кох, претседател на Реновабис.

Како да се надминат поделбите во Европа

Главна тема на конгресот е растечката поларизација во европските општества и начините за повторно градење доверба, солидарност и чувство на заедништво. Организаторите посочуваат дека војната во Украина, губењето на довербата во институциите, дигиталните „меури“, дезинформациите и социјалното отуѓување дополнително ги продлабочуваат поделбите.

Во рамките на програмата се одржуваат предавања, панел-дискусии и работни групи посветени на влијанието на алгоритмите и дезинформациите, социјалната осаменост и радикализацијата, војната во Украина и поделбите во Европа, како и улогата на Црквите во зачувувањето на единството.

Посебно место имаат темите за препознавање и надминување на предрасудите, ненасилната комуникација, синодалниот метод „Разговор во Духот“, волонтерството, меѓурелигискиот дијалог и вклучувањето на лицата со попреченост.

Кардиналот Греч ја предводеше Литургијата во Фрајзиншката катедрала

Духовниот дел од програмата на 17 септември беше одбележан со света Литургија во катедралата „Света Марија и Свети Корбинијан“ во Фрајзинг. Главен служител беше кардиналот Марио Греч, генерален секретар на Епископската синода, а проповед одржа берлинскиот надбискуп Хајнер Кох.

Во завршниот ден на конгресот кардиналот Греч говореше на тема „Заедништво, учество и мисија – поттици за општествена кохезија од духот на синодалноста“. Потоа следуваше завршна панел-дискусија за начините на градење култура на заедништво и одговорност, со учество на претставници од Црквата, граѓанското општество и политиката.

Меѓународниот конгрес на Реновабис се организира секоја година од 1997 година по иницијатива на Германската бискупска конференција и со текот на годините прерасна во значаен форум за дијалог меѓу Источна и Западна Европа, со посебен фокус на актуелните предизвици во Црквата и општеството.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот