Свеченото евхаристиско славење во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во недела 29 декември 2024 година, на празникот Свето Семејство започна со обредот отворање на Јубилејните врати, кој го предводеше бискупот Стојанов, а со него сослужуваше катедралниот парох дон Винко Маслаќ.. За време на обредот отворање на јубилејните врати се читаа делови од булата на папата Фрањо „Spes non confundit“.
Во своето обраќање за време на обредот бискупот Стојанов истакна дека во заедништво со целата Црква, славејќи ја љубовта на Отецот, која се покажа во телото на Словото кое стана човек и во знакот на крстот, сидро на спасението, свечено ја отвораме јубилејната година за нашата месна Црква.
Во својата проповед епископот рече дека денес на празникот на Светото семејство, во заедништво со Светиот Отец, со отворање на Светите врати во катедралите ширум светот влегуваме во благодатната година Господова, Јубилејот 2025. Овој Јубилеј го прогласи папата Фрањо со неговата була Spes non confundit, и со тема „Ходочесници на надежта“. Голема е милоста да бидеме дел од Јубилејна година и како ваш епископ ве повикувам да ја искористиме благодатта која ни ја нуди Бог преку Црквата во оваа јубилејна година – рече монсињор Стојанов.
Потоа се осврна на старозаветната традиција и значење на прославување Јубилејни години, посебно спомнувајќи за делот од Книгата Левит 25,10-11 и додаде дека прогласувањето на Јубилејна година во Црквата е преземено од традицијата на Стариот Завет, која ја потенцира важноста од милосрдие, обнова и помирување со Бога и луѓето меѓу себе.
Епископот се осврна и на неговата божиќна честитка каде што зборува за Јубилејната година при што рече дека смислата на Јубилејната година е да продолжи во текот на целата година помирувањето на човекот со Бога и ближниот, година која ни донесува големи благодати и можат да бидат од корист не само за општеството, туку многу повеќе за спасение на душите.
Тој посебно повика да се искористи благодатта на потполн опрост кој го дава Црквата во оваа Јубилејна година, како за самите себе, така и за покојните и рече дека тоа би било знак на вашата љубов кон нив, а потоа ги објасни условите за добивање потполн опрост.
Зборуваше и за христијанската надеж и рече: Таа не е само чувство или очекување дека „работите ќе се подобрат“. Надежта е вкоренета во Христовата победа над смртта и гревот, во Неговото ветување за вечен живот и во Неговото милосрдие кое постојано се излева врз нас. Надежта ни овозможува да се соочиме со сите предизвици на овој свет, бидејќи знаеме дека во Христос имаме сигурна победа.
Проповедта ја заврши со зборовите: Драги браќа и сестри, оваа јубилејна година за нас како месна Црква нека биде време на голема благодат, обнова, преобраќање и надеж. Да влеземе во неа со благодарни срца за Божјите дарови и да бидеме подготвени да сведочиме за Христа и христијанската надеж како автентични Христови ученици. Светото Семејство нека нè води и вдахновува на нашиот пат на верата, љубовта и надежта.
к.мк