Папата: Нема послание за евангелизација без братство

Папата: Нема послание за евангелизација без братство

Папата Фрањо во своето пладневно обраќање во оваа прва недела во јули потсети дека при пренесувањето на Евангелието на другите не е важно да се „прави“, и тоа на начин како светот, со протагонизам, конкурентност и логика на ефикасност. Способноста да се оди заедно со браќата во меѓусебно почитување е од суштинско значење.

И во своето пладневно обраќање во недела 3 јули 2022 година, папата Фрањо тргна од дел од Eвангелието според Лука наменет за неделната Света Литургија, на која веќе опширно се осврна во својата проповед на време на Литургијата со конгоанската заедница во Рим, за да го нагласи Божјиот стил во евангелизациското послание.

Евангелизирај со своето однесување

Исус ги испраќа на учениците „двајца по двајца“. Која е причината за неговата одлука? – праша Папата. Ако размислиме, да се биде во друштво може да биде извор на можни расправии, забавувања, недостатоци. Напротив, кога сме сами, се чини дека патувањето станува побрзо и полесно – истакна тој. Меѓутоа, Исус не мисли така. Упатствата што им ги дава не се толку за тоа што треба да кажат, колку за тоа какви треба да бидат, односно за сведочењето што треба да го дадат, а не за зборовите што треба да ги кажат. Навистина, тој ги нарекува работници; односно се повикани да работат, да евангелизираат преку своето однесување.

Посланието за евангелизација напредува ако владее братството

Никогаш без братот, бидејќи нема послание без заедништво. Ова Папата веќе го кажа на Литургијата уторово, а сега уште повеќе го разјасни во своето пладневно обраќање. Учениците не треба да се сметаат за „слободњаци“, проповедници кои не знаат да им го препуштат зборот на другите. Приоритет е, според Божјиот стил, да се способни да бидат заедно, да се почитуваат, да не сакаат да покажат дека се поспособни од другиот и едногласно да се повикуваат на единиот Учител.

Тоа е суштината на денешната порака. Може да се разработат совршени пасторални планови, да се спроведат добро подготвени проекти, организирани до најмалите детали; може да се повика мноштво и да имаат многу ресурси; но ако нема подготвеност за братство, посланието за евангелизација не напредува.

Како им ја пренесуваме радосната вест за евангелието на другите?

Римскиот бискуп потоа ја раскажа приказната за еден мисионер во Африка, кој откако се разделил од својот брат, станал еден вид претприемач, дури и добар, ангажиран во градежни работи. Го изгубил од вид најважното нешто, кое повторно го открил откако повторно се сретнал со својот брат. Она на што Папата сака да се фокусираме е дали сме навистина способни да донесуваме одлуки заедно со другите, да ги почитуваме туѓите гледишта или сме концентрирани на себе.

Посланието за евангелизацијата не се заснова на личен активизам, односно на „правење“, туку на сведочење на братска љубов, и преку тешкотиите на заедничкиот живот. Затоа, можеме да се запрашаме: како да им ја пренесеме радосната вест за евангелието на другите? Дали тоа го правиме во братски дух и стил, или на начин како што тоа го прави светот, со протагонизам, конкурентност и ефикасност?

Да се запрашаме дали имаме способност да соработуваме, дали знаеме да донесуваме одлуки заедно, искрено почитувајќи ги оние околу нас и почитувајќи го нивното гледиште. Имено, најнапред, со таков начин на живот ученикот го пројавува животот на Учителот, вистински навестувајќи го на другите – нагласи папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот