„За синодалната црква: заедништво, учество, послание“ е темата на XVI Редовно генерално собрание на Епископската синода. Второто заседание на Синодата беше отворено во среда 2 октомври 2024 година со свечена света Литургија предводена од папата Фрањо на плоштадот Свети Петар, во заедништво со синодските отци. Да потсетиме дека првото заседание се одржа во Ватикан во октомври 2023 година, пред кое се одржа првата фаза од Синодата во помесните Цркви, со слушање и проникливост.
Поттикнат од актуелните настани во Израел и Либан, Светиот Отец ја повика целата Црква и сите луѓе со добра волја на 7 октомври да се молат и постат за мир во светот.
Во својата проповед, тој потсети на литургиското одбележување на Светите Ангели чувари и повика три слики да се искористат како вдахновение за Пленарното заседание на Епископската синода: глас, прибежишт и дете. Нагласи дека патниците во Ветената земја Бог ги повика да го слушаат гласот на ангелот што Тој го испраќа:
Синодата е патување во кое Господ во наши раце ја става историјата, соништата и надежите на еден голем народ: сестри и браќа распространети по светот, вдахновени од истата вера и истата желба за светост, и заедно со нив и за нив се обидуваме да разбереме по кој пат да одиме за да стигнеме таму каде што Тој сака да не одведе. Но, како можеме да го слушнеме „гласот на ангелот“? Еден од начините е да се пристапи со целосна почит и внимание, во молитва и во светлина на Божјото слово, на сите прилози собрани во овие три години интензивна работа, споделување, разговор и трпелив труд за да се прочистат умовите и срцата.
„За да се случи ова, постои услов: да се ослободиме од она што во нас и меѓу нас може да ја спречи „милоста на Духот“ кој создава хармонија во различностите“, предупреди папата Фрањо и нагласи: „Господовиот глас не е во состојба да го слушне оној кој арогантно твди дека тој е единствениот кој е во право. Во спротивно, сите ќе бидеме затворени во дијалог на глуви, при што секој ќе се обидува да ’даде ја насочи водата на својата воденица’, да не ги слуша другите и пред сé не слушајќи го Божјиот глас“.
Потоа ја спомна другата слика – прибежиште.
Тоа е слика на крилја кои штитат, како што вели псалмистот, ‚под неговите крилја ќе се засолниш’. Крилата се моќни алатки кои можат да го подигнат телото од земја со своите моќни движења. Сепак, и покрај нивната сила, тие исто така можат да се спуштат и да се соберат, станувајќи гостољубив штит и гнездо за малите на кои им е потребна топлина и заштита. Ова е симбол на она што Бог го прави за нас, но и пример кој треба да го следиме, особено за времето на Синодата.
Третата слика е детето, кое самиот Исус го става на средина, им го покажува на учениците, повикувајќи ги да се преобратат и да станат мали како тоа дете.
Синодата со оглед на нејзината важност, во одредена смисла бара од нас да бидеме големи – со ум, срце и очи – затоа што прашањата што треба да се решаваат се ‘големи’ и деликатни, а сценаријата во кои се сместени се широки и универзални. Но, токму поради тоа, не можеме да си дозволиме да го тргнеме погледот од детето, кое Исус продолжува да го става во центарот на нашите состаноци и работни маси, за да нè потсети дека единствениот начин да ја исполниме задачата што ни е доверена е да се смалиме и како такви да се прифаќаме со понизност.
На крајот од проповедта, папата Фрањо повика да се продолжи ова црковно патување со поглед кон светот, бидејќи христијанската заедница е секогаш во служба на човештвото, повикана да ја навести евангелската радост на сите.
Од тоа има потреба, особено во овој драматичен час од нашата историја, додека ветровите на војната и огновите на насилство продолжуваат да потресуваат цели земји и народи. За да го повикам дарот на мирот, со застапништво на Пресвета Богородица, оваа недела во базиликата Света Марија Велика ќе молам бројаница и ќе упатам горлива молба до Богородица; ако е можно, ве молам вас, членовите на Синодата, да ми се придружите во оваа прилика. А следниот ден, 7 октомври, ги замолувам сите да учествуваат во денот на молитва и пост за мир во светот.
„Да одиме заедно во послушност кон Господа и да се предадеме на ветерот на Духот“, заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк