ООН предупредува на акутна несигурност за храна во 23 жаришта на гладот

ООН предупредува на акутна несигурност за храна во 23 жаришта на гладот

Во новиот извештај на Организацијата на Обединетите нации за исхрана и земјоделство (ФАО) и Светската програма за храна (WFP) се предупредува дека конфликтите, бирократијата и недоволните средства ја оневозможуваат помошта за сузбивање на гладот, што пак води до акутна несигурност за храна во светот.

Извештајот „Жаришта на гладот“ објавен на 30 јули предупредува на акутна несигурност за храна во периодот август до ноември 2021 година. Се изразува загриженост дека несигурноста за храна заради вооружените конфликти, економските последици од пандемијата со коронавирусот и климатските промени следните три месеци брзо расте во 23 жаришта на гладот.

Жаришта на гладот се Авганистан, Ангола, Средноафриканска Република, Средна Америка – Гватемала, Хондурас, Никарагва; Сахел – Буркина Фасо, Мали и Нигер; Чад; Колумбија, ДР Конго, Северна Кореја, Етиопија, Хаити; Кенија; Либанон; Мадагаскар; Мозамбик; Мјанмар; Нигерија; Сиера Леоне, заедно со Либерија, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија и Јемен.

FAO и WFP веќе предупредија дека 41 милион луѓе се во опасност од глад доколку веднаш не примат помош во храна и средства за живот. Според Глобалниот извештај за прехранбената криза објавен во мај минатата година 155 милиони луѓе се соочиле со акутна несигурност за храна на кризна или на уште повисоко ниво во 55 земји, што е пораст за повеќе од 20 милиони од минатата година, а се очекува дека тој тренд ова година ќе се влоши.

FAO и WFP ја истакнуваат итната потреба од хуманитарни акции за да се спречи глад и смрт во сите 23 жаришта. Извештајот донесува специфични препораки за секоја поединечна земја, како што се краткорочни и итни акции како и превентивни акции за заштита на селските подрачја и зголемување на аграрното производство за да се спречи порастот на несигурноста за храна и да се помогне на ризичните заедници поуспешно да се соочат со идните кризни ситуации.

Ика/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот