Од Франција преку Гевгелија до Витлеем
Гевгелија, 9.4.2013 /к.мк/ – Луцијан, Лулу, 76 годишен католички свештеник од Франција со неговото магаре Исидор во четвртокот после една година и 13 дена патување и поминати 3 илјади километри пристигнаа во Гевгелија. Тука беа сместени во сервисот Форсе каде што му беше обезбедена соба и доволно храна за неговиот сопатник, магарето Исидор. Свештеникот Луцијан со неговото магаре Исидор патува од Франција за Витлеем. Во петокот околу 10 часот о. Димитар Ташев го покани да ја посети парохиската Црква во Гевгелија. Не можеше да се сокрие неговата радост. Провинцијална сестра Еврозија на француски јазик му ја претстави парохијата, животот во неа, манастирот и заедницата на сестрите Евхаристинки. После македонскиот посен грав и посетата на парохискиот дом во Гевгелија, о. Димитар Ташев и о. Луцијан го посетија о. Тома Ангелов во Богданци, а потоа заедно се упатија во Паљурци.
Неговата радост не можеше да се сокрие, а неговиот фотоапарат и бележник секогаш беа подготвени да документира нешто интересно од овие преубави македонски предели.
Отец Луцијан се одлучил за ваков потфат сакајќи да навести мир во светот, да нема повеќе војни, а парите кои се трошат за оружје да бидат употребени за сиромашните.
Едноставен свештеник, уште поедноставно облечен, но полн со љубов и живот. За некој ова можеби изгледа лудост, но неговата жртва и навестување на мирот пред Господ е голема. Во саботата наутро отец Лулу и неговиот верен сопатник Исидор го продолжија своето патување. Среќен пат Лулу.