Од проповедта на Папата: Ангелот чувар постои, не е фантазија
Ангелот чувар постои, не е фантазија, туку сопатник кој Бог ни го дава на патот на нашиот живот – истакна Светиот Отец Фрањо во проповедта на светата Литургија на 2 октомври во домот Света Марта, на денот кога Црквата го слави празникот на светите ангели чувари. Денешните читања ни претставуваат две слики: ангелите и детето – рече Папата: Бог покрај нас поставил ангел чувар за да нѐ чува. Кога некој би верувал дека може да оди сам многу би згрешил. Да веруваш во толку лоша грешка е горделивост, да веруваме дека сме големи, самодоволни.
Исус пак ги почува апостолите да бидат како децата, нагласи папата Фрањо. Учениците се расправале кој меѓу нив е најголем: тоа бил внатрешен конфликт. Оние кои биле први епископи го имале искушението на кариеризмот: јас сакам да бидам поголем од тебе… Тоа не е добар пример на првите епископи, но тоа е реалноста. А Исус ги поучува на исправен став – да бидат како деца. Послушност, потреба за совет, потреба за помош, бидејќи детето е посебен знак на тие потреби, тоа е патот. Не кој е поголем. Тие кои се најблиску до ставот на детето, најблиску се до следењето на Отецот – рече Папата, продолжувајќи:
Сите ние според традицијата на Црквата имаме со себе ангели кои не чуват, кои ни зборуваат. Колку пати сме слушнале: Па, ова,… требаше ова да се направи вака, ова не оди, биди внимателен… Тоа е гласот на нашиот сопатник на патот. Да бидеме сигурни дека тој го води целиот наш живот со своите совети и заради тоа го слушаме неговиот глас, да не се буниме против него. Бунтот, желбата да се биде независен, нешто што сите го имаме, тоа е горделивоста, тоа што го имал нашиот татко Адам во земскиот рај… Да не се бунтуваме да ги следиме неговите совети – поттикна Светиот Отец.
„Никој не чекори сам и никој од нас не може да мисли дека е сам – продолжи Папата“ – бидејќи секогаш го има тој сопатник. И кога не сакаме да ги слушаме неговите совети, неговиот глас, тоа е како да му велиме: Оди си! Да го тргнуваме сопатникот од патот е опасно, бидејќи ниту еден човек не може да се советува самиот себе. Јас можам да советувам друг, но не можам да се советувам самиот себе. Има Свет Дух Кој ме советува, има ангел-чувар кој ме советува. Оваа наука за ангелите не е фантазија: не, тоа е реалност; она што Бог го кажал: Ти го испраќам, еве својот ангел пред тебе за да те чува на патот, за да не згрешиш“ – потсети папата Фрањо.
„Јас денес прашувам: каков е односот со мојот ангел чувар? Дали го слушам? Го поздравувам ли наутро? Му зборувам ли: чувај ме додека спијам? Разговарам ли со него? Барам ли од него совет? Тој е крај мене. На овие прашање може денес секој од нас да си одговори: каков ми е односот со ангелот кој Господ ми го испрати за да ме чува и да ме следи на патот и кој постојано стои пред лицето на Отецот небесен?“ – праша на крајот Папата.
РВ/Д.И.