Папата Иван Павле II го основа денот на болните во 1992 година, со цел да сензибилизира општеството за потребите на болните, но и да се искаже благодарност на здрвствените работници и сите оние кои се грижат за болните.
Светскиот ден на болните е основан од папата Иван Павле II. со посебно писмо од 13 мај 1992 година и упатено до кардиналот Фиоренцо Анџелини, шеф на тогашниот Папскиот совет за пасторална грижа на здравствените работници. Целта на овој ден е да се сензибилизира општеството за потребите на болните и да им се обезбеди подобра здравствена и социјална грижа, а со тоа и квалитетна здравствена заштита за секој болен.
Светскиот ден на болните е можност да се потсетиме на правата што ги има секој од нас кога е болен, а секој од нас бил и ќе биде болен и постојано имаме потреба од соодветен медицински третман. Затоа Папата Фрањо често пати истакнува дека секој човек заслужува достоинствена здравствена заштита
За датум на прославата на Светскиот ден на болните е земен 11 февруари, кога Католичката црква го слави празникот Пресвета Богородица од Лурд, бидејќи маријанското светилиште во Лурд, кое се наоѓа во Франција е познато по бројните чудесни исцеленија и стана место каде доаѓаат голем број болни од целиот свет кои што се молат за оздравување и милости од Бога преку застапништвото на Пресвета Богородица од Лурд. Во оваа богородично светилиште го имаат посетено и ходочаснички групи од Македонија.
Светскиот ден на болните е поврзан со пораките од Лурд кои повикуваат на покајание и преобраќање. Болеста е можност за покајание, но е и милосно време, можност за посветување и преобраќање на и болните и луѓето што се грижат за нив.
По повод одбележувањето на Светскиот ден на болните Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. Киро Стојанов секоја година во недела која е најблиску до 11 февруари во Катедералата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица служи света Литургија во присуство на болни и медицински персонал и посетува болни лица и на овој начин Црквата ја покажува својата духовна и светотаинска грижа за сите болни, а посебно за верниците. Светотаинската грижа на Црквата за болните исто така се покажува и преку побожноста Прв Петок во месецот и причест на болните, старите и изнемоштените лица во нивните домови.
На овој ден посебно е потребно да се потсетиме на нашите болни, да молиме за нив, поможност во овие денови и да ги посетиме, да им даде охрабрување, близина и нежност. Воедно потребно е да се заблагодариме на сите кои се грижат за болните, а тоа се здравствените работници, но и на бројните други вработени и волонтери кои со својата благородна работа се грижат за потребите на болните.
к.мк