Одбележан Денот на Македонски Каритас

Одбележан Денот на Македонски Каритас

На 9 декември 2020 преку интернет платформата ZOOM се одржа средба, по повод одбележувањето на Денот на Каритас. Тема на средбата беше: Волонтеризмот – Зошто сум волонтер?

На почетокот учесниците ги поздрави директорот на Македонски Каритас, дон Паво Шекерија, кој изрази задоволство што и на овој начин можеме да го одбележиме Денот на Каритас. Тој се осврна на извадок од светото евангелие според Лука 5,17-26, каде се зборува за човек фатен и кој беше спуштен преку покривот пред нозете Исусови. „Прво, им беше важно за фатениот и за неговото здравје, односно важен им е човекот. Второ, мошне се креативни, снаодливи, бидејќи видоа дека нема да можат да стигнат до Исус поради мноштвото, на вообичаен начин, па го спуштија преку покривот. Трето, тоа го говори само евангелието: штом ја виде нивната вера! Тие не само што го донесоа, тие со својата вера му даруваа опростување и здравје. Четврто, молчењето на овие четворица за се што се случи. Овие четворица не поттикнуваат и нас на делување, би можеле да кажеме дека се пример за волонтерите. Пред се од нив можеме да научиме за грижата за конкретниот човек, секој човек е важен! Овие четворица, ни потврдуваат дека љубовта секогаш пронаоѓа пат. Ни даваат пример да не се откажеме. Исто така не поттикнуваат да ја живееме верата“, истакна директорот Шекерија.

Свои искуства и размислувања на оваа тема споделија Јадранка Чадиновска, Филип Стојанов и Костадин Стојанов, како претставници на Парохиските Каритаси од Македонија и Радомир Ангеловски како претставник на Здружението Винкова Конференција. Во име на Радио Марија Македонија зборуваше Данче Ичева, која ja истакна важноста  на волонтерството за Радио Марија, како движечка сила на радиото. Во име на Црвен Крст на Град Скопје обраќање имаше Сања Матовска која пренесе свои искуства за тоа што значи да се биде волонтер. Исмира Машиќ, волонтерка од Босна и Херцеговина, од Надбискупскиот Центар за млади свети Иван Павле II – Сараево, се осврна и зборуваше за волонтерските активности на Центарот.

Свое обраќање имаше и професор Марија Доневска, доктор по хуманистички науки и по социјална политика, а воедно и член на докторските Совети во Институтот за социјална работа и политика и Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Професорката Доневска зборуваше од научен аспект за тоа што значи да се биде волонтер. „Волонтерството доживува одредена трансформација. Од класично волонтерство кое постои од векови, во последно време се се среќаваме со новосоздадено волонтерство, кое се разликува од класичното. Светските истражувања покажуваат дека волонтерот се разликува од професионалецот во тоа што наоѓа нови опции за решавањето на проблемите на луѓето и е поквалитетен и поедноставен во соработката со луѓе и институции, а исто така нивната комуникација, нивниот пристап кон луѓето се разликува во однос на професионалците“ – истакна проф. Доневска.

Во своето обраќање бискупот Киро Стојанов, кој е воедно и претседател на Македонски Каритас, на почетокот ги поздрави учесниците на ZOOM средбата, а исто така упати и честитки до директорот и персоналот по повод одбележувањето на Денот на Македонски Каритас. „Волонтерството е непроценливо и дава извонреден важен придонес за развојот на едно општество. Волонтерството е насочено кон доброто, околу нас, кон оние околу нас, кон оние што несебично помагаат на другите, не очекувајќи ништо за возврат. Но и покрај тоа што не очекуваат ништо за возврат тие добиваат многу. Добиваат добро чувство, добиваат нови корисни знаења и вештини, нови пријателства и нови перпективи. Волонтерите се тие што сакаат да видат промени, што укажуваат на решенија, кои го менуваат светот“ – истакна бискупот Стојанов, при што се заблагодари на организаторите на оваа ZOOM средба.

На крајот бускупот Стојанов го подели својот благослов на учесниците.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот