Објавена програмата за посета на Папата на Ерменија
Светиот Отец на 24 јуни 2016 година во попладневните часови ќе пристигне во главниот град Ереван. Прва точка ќе биде Ечмијаѕинската катедрала на Ерменската апостолска црква, каде ќе биде пречекан од ерменскиот поглавар, патријрахот Карекин II, а потоа се планира средба со претседателот, претставниците на граѓанските власти и дипломатскиот кор.
Во сабота, по примерот на свети Иван Павле II, Папата ќе го посети споменикот на Големото злосторство над ерменскиот народ – направен за време на отоманските власти од 1915-1916 година. Во Ѓумри, град втор по големина во Ерменија според населението, кој во минатиот век беше погоден од силен земјотрес, папата Фрањо ќе служи Литургија и ќе ја посети катедралата на Ерменската апостолска црква, како и Католичката катедрала посветена на Светите маченици. Вечерта, по враќањето во Ереван, се планира да се одржи екуменска средба и молитва за мир.
На третиот и последен ден од посетата, во недела 26 јуни, Папата ќе се сретне со католичките епископи во Апостолската палата во Ечмијаѕин и ќе присуствува на божествена Литургија во ерменската апостолска катедрала. По ручекот следува средба со делегати и добротвори од Арменската апостолска црва и потпишување на заедничка изјава. Пред враќањето во Ватикан Светиот Отец ќе се задржи во молитва во манастирот Хор Вирап, место каде според традицијата 12 години поминал во затвореништво свети Григориј Просветител, заштитник на Ерменија.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк