Трета објава
Тринаесетти јули 1917 година. Неколку минути откако пристигнавме на Кова да Ирија со изворот, околу кој се собраа многу луѓе, додека молевме Бројаница, го забележавме истиот одраз на светлината на кој веќе се навикнавме и веднаш потоа Пресвета Богородица на изворот.
- Што сакаш од мене? – веднаш прашав.
- Сакам и на следниот 13-ти во месецот да дојдете овде, да продолжите да молете света Бројаница во чест на Нашата Пресвета Богородица од Бројаницата, за да измолите мир во светот и свршеток на војната, затоа што само Таа може да ви помогне.
- Би сакала да ни кажеш која си и да направиш чудо, за да поверуваат сите дека ни се објавуваш.
- Продолжете да доаѓате овде секој месец. Во октомври ќе ви кажам која сум, што сакам и ќе направам чудо, што сите ќе можат да го видат и да поверуваат.
Тогаш на Пресвета Богородица ѝ поставив некои прашања на кои не се сеќавам. Запамтив дека одговори како треба да се моли Бројаница за да се постигне милоста во текот на годината. Потоа продолжи:
- Жртвувајте се за грешниците и кажете многу пати, посебно кога принесувате жртва: О, мој Исусе, ова е за Твојата љубов, за преобраќање на грешниците и за надомест за гревовите направени против Пречистото Срце Богородично.
Изговарајќи ги овие зборови, повторно ги рашири рацете како претходните два пати. Светлината пробиваше во земјата и ние видовме огнено море.
Во тој оган ги видовме потопени ѓаволите и душите на осудените. Изгледаа како вжарен јаглен, темни и црни, но целосно проѕирни, во тело. Пливаа во огнениот пожар.
Во воздухот исфрлаа пламени од ерупцијата, а самите изгледаа како пламенен факел, завиени во облак од димот.
Се слушаа крикови и болни воздишки, полни со очај, кои фрлаа страв во коски, поради што се стресовме. Паѓаа на сите страни како искри во голем пожар. (мора при таа сцена да сум воскликнала: „Уф!“ А тоа некои го слушнале, како што велат)
Ѓаволите се разликуваа од луѓето по страшните облици, слични на гадни, страшни и непознати животни, но секогаш проѕирни и црни како усвитен јаглен.
Ужасно преплашени, го подигнавме, молејќи погледот кон Богородица, која љубезно но жалосно, рече:
„Го видовте пеколот каде што одат душите на кутрите грешници. За да ги спаси, Бог сака да востанови во светот побожност кон моето Пречисто Срце.
Ако луѓето го прифатат она што ќе го кажам, многу души ќе се спасат и ќе биде мир. Војната е првиот свршеток. Но, ако не престанат да го навредуваат Бог, за понтификатот на Пио XI, ќе започне друга, полоша!
Кога ќе видите дека ноќта е осветлена со непозната светлина, знајте дека тоа е голем знак што Бог ви го испраќа, знак дека ќе го казни светот заради неговите злосторства и тоа со војна, глад и прогонство на Црквата и Светиот Отец.
За да го спречам тоа, ќе дојдам да барам посвета на Русија на моето Пречисто Срце, и како надомест света Причест во пет први саботи во месецот.
Ако луѓето ги прифатат моите барања, Русија ќе се преобрати и ќе биде мир. Ако не, таа ќе ги прошири заблудите во светот, кои ќе предизвикаат војни и прогонство на Црквата.
Добрите ќе бидат мачени, Светиот Отец многу ќе трпи, различни народи ќе бидат уништени. Најпосле моето Срце ќе триумфира.
Светиот Отец ќе ми ја посвети Русија, која ќе се преобрати па на светот ќе му биде подарен еден период на мир.
Во Португалија секогаш ќе се сочува вистината на верата, итн… Тоа не го кажувајте никому! На Фрањо да, нему можете да му кажете! Кога молете света Бројаница, кажете после секоја десетка: „О, Исусе мој, прости ги нашите гревови, чувај нè од пеколен оган, доведи ги во рајот сите души, а особено оние кои имаат најголема потреба од Твоето милосрдие!“
Следуваше момент на молчење, а потоа прашав:
- Не сакаш ништо повеќе од мене?
- Не, денес ништо повеќе.
Тогаш започна да се дига кон исток, како секогаш до сега, додека не исчезна во пространството на небото.
Фатимска порака: Луција говори/к.мк