Обраќање на монс. Џорџо Кеца, вршител на должноста а.и. на Апостолската нунцијатура во Македонија на промоцијата на енцикликата на папата Фрањо „Слава Тебе“, која се одржа во ресторантот „Рагуса 360“ на 3 октомври 2023 година во Скопје.
Ве поздравувам со зборовите на Свети Франциск од Асизи: „Слава тебе, Господи, за нашата Мајка Земја“
Да, Земјата, „заеднички дом“, како што Папата Бергољо нè потсетува, „е ист како сестра со која го споделуваме животот и како добра мајка, што ни ги шири рацете за да нè прегрне“ (1.).
Благодарам за тоа што ме поканивте, да се обратам на оваа презентација на документот односно енцикликата „Славa Тебе“ и ја поздравувам оваа прекрасна иницијатива, да биде преведен текстот на Енцикликата „Славa Тебе“ на Вашиот сакан македонски јазик, имајќи за цел со тоа да достигне до сите оние, кои ја имаат при срце судбината на нашиот заеднички дом, без разлика дали се христијани или не.
Би сакал на кратко да ги разгледам заедно со Вас воведните поглавја на Документот, оставајќи потоа на Ваше лично размислување, да ја прочитате во мир и добро размислување.
Папата Франциск преку оваа негова втора Енциклика, со 159 страници, во 6 поглавја, 246 точки и две молитви, прашува „каков свет сакаме да им оставиме на генерациите, кои доаѓаат по нас, односно на нашите деца што растат“.
Тој ги користи зборовите на неговите претходници и крикот за тревога, што од подолго време предупредува за непромислената експлоатација на ресурсите, со една кратковидна политика, која гледа кон брз успех без долгорочни перспективи, водена од себичноста на потрошувачките општества, кои се борат за промена на својот начин на живеење. Тој нè потсетува дека грижата за созданието е заложба на сите, без разлика дали сме христијани или не.
Во првото поглавје: по опширниот општ преглед и повикот за „возобновување на дијалогот за начинот на кој ја градиме иднината на планетата“ (14.), папата Франциск анализира што му се случува на нашиот дом.
Затоа, поважно од било кога е да се сфати важноста на климатските промени, прашањето за водата, заштитата на биолошката разновидност, еколошкиот долг на Северот спрема Југот и потребата од интегрална екологија.
Во второто поглавје: ни препорачува под итно да разјасниме за „огромната одговорност“ на човекот кон созданието. Човекот има задача „да ја обработува и да ја чува“ градината на светот (види Битие 2, 15; 67.), и треба да знаеме дека „Крајната цел на другите суштества не може да се најде во нас. Напротив, сите заедно со нас и преку нас се движат напред кон една заедничка цел, а тоа е Бог“ (83.).
Да се одвикнеме од навиката за „еднократна употреба“, која води кон култура на фрлање ѓубре, и како што се вели во второто поглавје: човечката основа за еколошката криза, е логика на технолошката доминација, која води кон уништување на природата и искористување на луѓето и послабите народи. Тоа е истата логика како онаа на многуте мафии, трговци со органи, дилери на дрога и убивањето на неродени деца, само затоа што не им се во план на нивните родители.
Во третото поглавје: се зборува за достоинството на работата и важноста на личноста, објаснувајќи дека „со прекинувањето на инвестирањето во луѓето за да се добие поголема краткорочна финансиска добивка, му се нанесува голема штета на општеството“ (128.).
Во четвртото поглавје: за целокупната екологија, се соочуваме со темата на правдата и политиката. Во денешните услови, „каде што има изобилство на неправда и сè поголем број отфрлени луѓе, лишени од основните човекови права“, посветеноста за општото добро значи да се направат решителни избори врз основа на „изборот да им се помогне на нашите најсиромашни браќа и сестри“ (158.).
И тука спонтано се наметнува прашањето – тогаш што да се прави? Како треба да се дејствува.
Во петтото поглавје: Папата ни предлага некои упатства за дејствување и насоки. Не само како да се откажеме, туку да се запрашаме што може да направиме за да се „излезе од спиралата на самоуништување во којашто моментално тонеме“ (163.). Црквата не претендира да ги дефинира научните прашања, ниту да ја замени политиката, но Папата повикува на „искрена и отворена дискусија за личните интереси или идеологии да не му наштетат на општото добро“ (188.).
Во заклучното шесто поглавје: Читаме за еколошкото воспитување и духовноста, како „за секоја промена потребни се мотивација и едукативен процес“ (15.). Вклучени се сите образовни области, пред сè „училиштата, семејството, средствата за масовна комуникација, веронауката и друго“ (213.). Првата глава е „стремеж за нов начин на живот“, што исто така ја отвора можноста за „создавање здрав притисок врз они што имаат политичка, економска и социјална моќ“ (206.). Не може да се потцени важноста на курсевите за едукација на животната средина, способни да влијаат на секојдневните гестови и навики, од намалување на потрошувачката на вода до одделно собирање отпад, па дури и „гаснење на непотребното светло“ (211.).
Драги браќа и сестри, Ви благодарам уште еднаш за Вашето присуство, за Вашата чувствителност кон оваа тема, заедно да сме си од корист во ова размислување, кое ни зборува за иднината, за убавината на созданието, за вистината на човекот и за мажот и жената на денешницата!
Научи нè да ја откриеме вредноста
на секоја работа и да ја набљудуваме со восхит,
да препознаеме дека сме длабоко соединети
со сите созданија додека патуваме
кон твојата бескрајна светлина.
Ти благодариме што си секој ден со нас.
Те молиме, поддржи нè во нашата борба
за правда, љубов и мир.
(Молитва за нашата Земја)
Благодарам!