Нова серија катехези на Генералната аудиенција: „Расудувањето бара синовски однос со Бог“
На Генералната аудиенција која папата Фрањо ја одржа денес започна нов циклус катехези за расудувањето, наведувајќи дека изборот на она што е најдобро за нашиот живот бара близок однос со Господ.
На првата катехеза од новата серија катехези, папата Фрањо се осврна на прашањето: „Што значи да расудуваш?“
Како што кажа, расудувањето е важен чин кој се однесува на сите, затоа што изборите се важен дел од животот. „Се избира храната, облеката, студиите, работата, врската. Во сето тоа се конкретизира животниот план, но и нашиот однос со Бог.“
Исус зборува за расудувањето служејќи се со слики преземени од обичниот живот, рече Папата – како избирањето добра риба, трговецот кој го препознава бисерот за најголема вредност или човекот кој обработувајќи ја нивата наидува на нешто што се покажува како богатство. (Мт 13, 44-48)
„Расудувањето се претставува како вежба на интелигенцијата, како вештина а и волја, за да се погоди вистинскиот час: тие се условите за добар избор.“
Додаде дека уште еден важен вид на расудување е да се вклучуваат нашите чувства – добро донесена одлука може да ни донесе голема радост.
„Сликите за земјоделецот, рибарот и трговецот се примери на она што се случува во Царството небесно, Царството кое се покажува во вообичаените животни делувања, кои бараат заземање став“, продолжи Папата. „Затоа е толку важно да се знае да се расудува: големите избори можат да произлезат од околностите кои на прв поглед се споредни, но кои се покажуваат за одлучувачки.“
Некои неизоставни елементи на расудувањето се знаењето, искуството, чувствата и волјата, рече Папата. „Во текот на овие катехези ќе видиме и други, еднакво важни.“
„Расудувањето – како што реков, вклучува напор. Според Библијата, животот кој треба да го живееме, не го добиваме веќе „спакуван“: Не! За тоа мораме да одлучуваме континуирано, според реалностите кои доаѓаат. Бог нè повикува да проценуваме и да избираме: нè создаде слободни и сака да ја користиме својата слобода. Затоа расудувањето бара.“
Често сме го имале ова искуство: Да избираме нешто што ни изгледало добро, но не било. Или да знаеме што е нашето вистинско добро, а да не го избираме, кажа Папата. Библијата веќе на првите страници тоа го покажува. „Бог му дава на човекот прецизни упатства: Ако сакаш да живееш, ако сакаш да уживаш во животот, сети се дека си создание, дека критериуми не ти се доброто и злото и дека изборите кои ќе ги правиш ќе имаат последици врз тебе, врз другите и врз светот (1Мој 2, 16-17); земјата можеш да ја направиш величествена градина или можеш да ја направиш пустина на смртта. Тоа е темелна наука: Не случајно тој е првиот дијалог помеѓу Бог и човекот.“
Расудувањето, рече папата Фрањо, е неопходно за животот и бара познавање на самиот себе и на она „што е добро за мене овде и сега.“
„Бара пред сè синовски однос со Бог. Бог е Отец и не нè остава нас сами, секогаш е подготвен да нè советува, охрабрува, да нè прифати. Но, никогаш не ја наметнува својата волја.“
Папата ја заврши катехезата со потсетувањето дека Бог сака луѓето да го сакаат, а не да се плашат. „Љубовта може да се живее само во слобода. За да се научи да се живее, мора да се научи да се сака и заради тоа е потребно да се расудува,“ рече Светиот Отец на Генералната аудиенција.
Ватикан њуз/к.мк