На 16 јуни 2025 година, во Прес-центарот на Светиот Престол се одржа конференција за новинарите на која беше претставена првата фаза од обемниот проект насочен кон еколошка и енергетска одржливост на базиликата „Свети Петар“.
Кардинал Мауро Гамбети, надбискуп и архипрезвитер на базиликата, потсети дека Светиот Престол веќе со години го следи патот на одржливиот развој, воден од начелата на еколошка одговорност изложени во енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо, апостолската поука Laudate Deum и енцикликата Fratelli tutti.
Во рамки на стратегијата „Еколошки пресврт 2030“, Ватикан тежнее кон климатска неутралност. Ова подразбира рационално управување со природните ресурси, зголемување на енергетската ефикасност, премин кон одржливи транспортни решенија, употреба на чисти алтернативни извори на енергија, рециклажа на отпад и пошумување.
Проектот за еколошка трансформација на базиликата „Свети Петар“ е особено комплексен, и архитектонски и организациски. Со оглед на неговиот обем, формиран е посебен интердисциплинарен научен комитет од високо ниво, предводен од професорот Валтер Ганопини, во кој учествуваат научници, инженери и вработени од Фабриката на Свети Петар.
Професорот Ганопини го претстави научниот пристап на комитетот за трансформацијата на базиликата во објект со нулта емисија. Тој најави развој на систем за континуирано следење на квалитетот на воздухот со помош на сензори за штетни материи, со цел да се намалат здравствените ризици за посетителите и да се зачува богатото културно наследство на храмот.
Професорот Николо Асте од Политехничкиот универзитет во Милано изложи модели за декарбонизација на базиликата и придружните објекти, како што се Палацо дела Каноника и Работилницата за мозаици. Меѓу предложените решенија за намалување на емисиите на јаглерод диоксид се: поставување LED осветлување во страничните кораби, природна вентилација и ноќно ладење во летниот период, замена на системите за греење со водени радијатори и употреба на топлински пумпи. Оценките покажуваат дека овие мерки би довеле до намалување на потрошувачката на енергија до 57%, а на емисиите на CO₂ до 72%.
На прес-конференцијата беа претставени и резултатите од студијата спроведена од ENEA во 2023 година за користење на водните и енергетските ресурси на територијата на Ватикан. Изнесени беа конкретни предлози за нивна поефикасна и поекономична употреба, без нарушување на животната средина. Проектот докажува дека и во историски и културни контексти, како што се храмовите и музеите, можно е да се применат современи еколошки решенија.
Во завршниот дел од конференцијата, професорот Де Џенаро го презентираше проектот за истражување на квалитетот на воздухот во базиликата „Свети Петар“, која дневно ја посетуваат во просек 45.000 луѓе. Во 2023 година таму беа поставени посебни сензорски уреди кои во реално време ги мерат концентрациите на прашина, штетни гасови, јаглерод диоксид и други параметри. Истражувањето покажа дека благодарение на големиот волумен на просторот и добрата природна вентилација, воздухот во базиликата останува релативно чист, дури и за време на голем прилив на посетители.
Ватикан њуз/к.мк