Недоследен христијанин соблазнува, а соблазната убива
Недоследен христијанин соблазнува, а соблазната убива – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 27 февруари, на која подели света Тајна Миропомазание. Папата во проповедта говореше за христијанската доследност која произлегува од светата Тајна Миропомазание. Кој ја прима таа света Тајна покажува желба да биде христијанин, а да бидеш христијанин значи да го сведочиш Исус Христос. Таквиот човек размислува како христијанин, чувствува и се однесува христијански. Тоа е доследен христијански живот – рече Светиот Отец додавајќи:
Некој може да каже дека верува, но ако не мисли, не чувствува и не се однесува христијански, не е христијанин, нешто не е во ред, тоа е недоследност. А христијани кои обично, општо живеат во недоследности, нанесуваат големо зло – рече Папата.
Слушнавме што говори апостолот Јаков за некои недоследни христијани, кои се фалат дека се христијани, а ги експлоатирале своите вработени; го вели ова: „Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеа на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господа Саваот. Господ е силен.“ Ако некој го слуша ова може да мисли: „Тоа го кажал некој комунист!“ Не, апостолот Јаков тоа го рекол! Тоа е Слово Божјо, а станува збор за недоследноста. А кога недостасува христијанската доследност и се живее недоследно се остварува соблазната. Недоследните христијани соблазнуваат – рече Светиот Отец.
Исус остро ја напаѓа соблазната – продолжи Папата. „а кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина.“ Недоследниот христијанин нанесува зло, а соблазната убива. Често слушаме како зборуваат – додаде Папата – Оче, верувам во Бог, но во Црквата не, затоа што вие христијаните едно велите, а друго правите. Верувам во Бог, а на вас не ви верувам. А тоа е поради недоследноста – рече Папата.
Ако се најдеш пред атеист кој ти вели дека не верува во Бог, можеш да му прочиташ цела библиотека каде што се зборува дека Бог постои и да докажеш дека постои, а тој сепак нема да ти поверува. Но ако пред тој атеист доследно сведочиш со христијански живот, во неговото срце нешто ќе се разбуди. Всушност твоето сведоштво во него ќе внесе немир на кој работи Светиот Дух. Тоа е милост и сите ние, целата Црква треба да молиме: Господи, направи да бидеме доследни – поттикна папата Фрањо.
Папата заврши со тоа дека треба да молиме – потребно е да молиме за христијанска доследност, затоа што е дар Божји и затоа треба да молиме: Господи, дај ми да бидам доследен! Дај ми милост никогаш никого да не соблазнам, да бидам човек кој мисли, чувствува и делува како вистински христијанин. А кога сме слаби тогаш да молиме за простување – поттикна Папата и додаде.
Сите сме грешници, сите, но сите сме способни да молиме за простување. А Бог никогаш не се изморува да простува. Треба да бидеме понизни и да молиме за простување: Господи, токму тука не бев доследен. Прости ми! Треба да одиме напред со христијанска доследност, да бидеш верник кој е свесен за својата грешност, но и кој не се плаши да бара простување кога ќе погреши, и кој силно се плаши некого да не соблазне. Нека Господ ни ја подели таа мислост – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.