Читање од Евангелието според Иван 4,5-42
И така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа. Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!” А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?” – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат.
Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: »Дај Ми да пијам« – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива.” Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец! И сам тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!”
Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен.” Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!”
Исус ѝ рече: „Оди, повикај го мажа си и дојди тука!” Жената одговори и Му рече: „Немам маж.” Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.” Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк. Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме.”
Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се клањате на она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат. Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.”
Жената Му рече: „Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сè ќе ни каже.” А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборувам со тебе.”
И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?” или „Што зборуваш со неа?” А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето: „Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сè што сум направила. Да не е Он Христос?” Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Рави, јади!” Но Он им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.” Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: „Освен ако Му донел некој да јаде?” А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело. Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва. И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто во ова вистинска е поговорката: »Еден сее, а друг жнее.« Јас ве пратив да жнеете, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.”
И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: „Ми кажа сè што сум направила.” Кога дојдоа, пак, Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив. И Он остана таму два дена. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово; а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос.”