Се приближуваме кон празникот на Вознесението Господово и празникот Слегувањето на Светиот Дух. Така, оддалечувајќи се од еден празник, се приближуваме до следниот. Одиме како по скали на нагорнина, на патот кон светоста, на средба со небесниот Отец во небото.
За нас е многу важно да ги поминеме сите чекори во нашите животи, а тоа се секојдневни ситуации, настани, тешкотии, за кои често размислуваме: Зошто?
Нешто слично како во неделното евангелско читање за Слепородениот (Иван 9,1-38), кога го прашаа за судбината на младиот човек, имено неговите ученици го прашаа: „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?”
Ако забележиме дека во потрагата по одговори на вакви важни прашања, некои имаат тенденција кон таканаречени „негативни“ одговори, односно такви кои оставаат тага, укор и вина во душата. Некои даваат одговори кои се „празни“, што пак дополнително поттикнува други прашања, бидејќи измислените одговори се само фантазии и претпоставки. Ова пак создава склоност кон зло… во мислите, во делата.
Бог е Вистина, и оној што е во Бог е во Вистината. Затоа, за нас верниците, да се биде во Бог е начин да се знаат одговорите на тешките прашања од животот. Како што секој живот е единствен, како што секоја ситуација во животот е посебна, така и секој одговор мора да биде посебен. А Бог сето тоа го има и затоа нѐ поттикнува на добро.
Неговите одговори се пат до вистинската среќа, тие се полни со надеж и поправка кон подобро. Божјиот план е да го врати човекот во рајот, и сè што се случува во нашите животи може да се искористи за да се спроведе Божјиот план.
Затоа, верниците не се делат на „Јас сум добар – среќен, имам среќа“ или „јас сум лош – несреќен сум, немам среќа.“
Христовите ученици го живеат Неговото учење, кое нѐ упатува за Божјата волја и нејзино исполнување. Христијанинот вели: ако Бог сака, тоа сигурно ќе ми користи! – остава чувство на среќен восхит.
Господ го дава вистинскиот одговор, на прашањето што му се случило на младиот човек: „Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него“.
Затоа, драги во Христа, ние кои се обидуваме да ја извршуваме Божјата волја и одиме кон светост, да не даваме внимание на оние кои се во грев, збунувајќи се себеси и другите со погубни трикови кои честопати посеваат сомнеж и очај, измама, искушение и горчина со грешни последици. Да го бараме Царството Божјо и Неговата вистина, да бидеме во духовно размислување со Бога, за да имаме склоност кон добро и корисно. Тоа ќе биде знак на присуство на Светиот Дух во нас, во светите мисли, во светите дела.