Недела на блудниот син

Недела на блудниот син

Оваа недела размислуваме за Евангелието според Лука во кое се зборува за параболата за блудниот син. Познато ни е дека секој слушател ја интерпретира пораката на пораболата од својата актуелна животна ситуација. Преку оваа размислување да слушнеме што Бог сака денес да му каже на секој од нас.

На кој му зборува Исус во параболата?

Пред сè е важно да ни стане јасно зошто Исус ја кажува оваа парабола, и кои се луѓето кои го слушат. Тоа се од една страна митниците и грешниците и од друга страна фарисеите и книжниците. Исус ја кажува оваа парабола со цел на слушателите да им укаже на нивната моментална ситуација, и за да им објави кој е и каков е Бог Отец.

Помладиот син

Иако помладиот син му се обраќа на таткото со „татко“, од барањето кое го кажува можеме да сфатиме дека не живее вистински однос со својот Отец. Како да бара некоја лична слобода, односно слобода онаква каква што тој ја замислил. Живеење според личната волја и според личните дефиниции за слободата го доведува помладиот син до загуба на личниот идентитет, односно дека тој е син на таткото. „Кога дојде на себе си“, да се дојде на себе си, во библиска смисла значи, да продреш во длабочината на своето срце и да го спознаеш својот вистински идентитет.

Милосрдниот Отец

Глоголите кои ги наоѓаме во Евангелието според Лука ни ја откриваат сликата за нашиот Отец. Тој трпеливо гледа и го чека моментот во кој неговиот син ќе си дојде на себе си. Глаголот „го виде“ во библиска смисла го означува погледот кој проникнува во длабочината на срцето, поглед кој ги гледа внатрешните процеси на срцето. „Се сожали“, само оној кој чисто, бесплатно и целосно љуби може да се трогне на актуелната состојба на својот син. „Потрча“, ни зборува дека Отецот е Оној Кој секогаш го прави првиот чекор кон својот син или ќерка. Од тие глаголи може да се прочита дека нашиот Отец е милосрдна Љубов, од нас не очекува ништо друго освен вера и доверба во Неговата љубов. Љубовта на Отецот лекува, и на синот му го враќа неговиот идентитет. Знаците на идентитетот на синот се новата облека, прстенот и обувките. Во моментот кога започнуваме да живееме во став на син, во тој момент се започнува веќе овде и сега да се живее во Царството небесно (гозбата како знак).

Постариот син

Уште по прашањата кои постариот син им ги поставува на слугите, а не оди директно кај својот татко, ни покажува дека во односот меѓу него и таткото нешто не одговара. Иако секогаш е со Отецот, постариот син не го живее во потполност својот идентитет на син. Можеме да заклучиме дека постариот син има погрешна слика за таткото. Бидејќи не го живее својот однос на син со таткото, така не може на другите да гледа како на свои браќа. Братскиот живот е плод на вистинско живеење на однос со Отецот. Но, уште еднаш Отецот е Оној Кој го прави првиот чекор, излегува, оди да го моли. Параболата завршува на начин што Отецот уште еднаш му го објавува на постариот син повикот на вистински однос на Отец и син. Одоговорот останува на постариот син.

Молитва

Комуницирај со Бог како што тоа би го направил со некој за кој знаеш дека те сака и прифаќа. И предади му ги своите мисли, грижи, желби. Прашај Го дали си во согласност со Неговиот план за тебе?

Дела

Преточи го во живот она што Бог од тебе го бара во молитвата. Донеси некои конкретни одлуки. Каде денес си му потребен на Бог? Како можеш да станеш Божји дар за другите?

Предлог:

Редовно ќе правам испит на совеста за да размислувам за својот секојдневен однос со Отецот.

Знаејќи дека Бог е милосрден Отец од денес донесувам одлука дека редовно (два пати неделно; еднаш месечно) ќе ја ползувам светата Тајна Исповед за да го обновам и развијам односот со Отецот небесен.

Дон Боскови Салезијанци/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот