На празникот Воскрсение Христово – Велигден, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света архиерејска Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица во заедништво со свештеници од Струмичко – скопската епархија. На светата Литургија претходеше Воскресна утрена во дворот на црквата со процесија околу Црквата.
Во продолжение ја пренесуваме во целост проповедта на епископот Стојанов
Родени од Дух и вода
Драги браќа и сестри оваа ноќ е посветла од најсветлиот ден. Таа не воздигнува во визијата на свети Иван евангелист, што ни го опишува новиот Ерусалим во кој нема ни сонце ни месечина, бидејќи Јагнето е нивна светлина. И овие наши слаби свеќи во рацете се посилни од сонцето, бидејќи тие нѐ осветлуваат со светлината на верата и нас и Струмица и целиот свет, бидеќи со очите на верата се гледа повеќе отколку со физичките очи на кои им е потребна сончева светлина. Не се тоа два света, туку свет и надсвет, бидејќи од онаа Божја светлина кон нас се спушта не физичка, туку далеку поважна светлина на Духот во која ја гледаме смислата на постоењето на животот, смртта и воскресението. Свети Иван евангелист во евангелието ни раскажува дека таа светлина која дојде на светот не ја препознаа нејзините современици. За нив светлината на нивните закони, прописи, обичаи била посилна отколку вистинската светлина. Зошто? Затоа што да се живее според законот и прописите е полесно и на тој начин човек не се менува од внатре, а сепак совршено го одржува законот надворешно. Таа нивна верност кон законот надворешно ги спречила тие да ја препознаат светлината која дошла од небото да ги просветли но и да го промени човекот. Исус Христос се појави во тело во нашата историја не затоа да го исполни само законот, туку исклучиво да ја исполни волјата Очева според која секој човек што верува ќе може да се спаси.
Ученикот Никодим доаѓал кај Исус преку ноќ сокривајќи се пред своите колеги од законот со желба да слушне од Исус барем тајно тоа што немал храброст да го слушне јавно. Нему Исус му вели дека не може да се спаси никој кој нема да се роди повторно. Мудриот, а сепак наивен книжник прашува: Како може човек повторно да се роди? Исус не го презира неговото незнаење, туку му навестува голема вистина. Кој нема да се роди повторно од вода и Дух нема да има живот вечен. Кога Исус бил воздигнат на крстот неговата страна била прободена и очевидецот Иван посведочил дека од неговото ребро протекла крв и вода. Од самиот почеток Црквата препознава во тој настан извор на две свети Тајни, односно Крв – Евхаристија и вода – Крштение.
Велигден е празник за кој никогаш не е премногу да се повторува дека тоа е празник на нашето крштение. Бидејќи, само тогаш кога Исус со смртта на крстот ја отвори вратата на Адот го повика Адам и сите праведници на Стариот завет и ги пробуди од сон во живот вечен. Што значи, прободената страна, всушност е отворање вратата на рајот, а некој згодно рекол дека Исус клучот на рајот го предал на десниот разбојник. Воскресението е победа над смртта, победа над гревот и прогласување, оправдание на сите оние кои се измиени со таа вода, напоени со таа крв, спасени и наново родени, овој пат од вода и Дух, а тоа сме ние. Литургијата со јазикот на симболичните знаци при оваа светлосна служба пред сѐ Евхаристијата не само што верува, туку и го покажува живиот Исус, бидејќи сета оваа наша прослава ќе биде вредна за жалење ако не е вистински упатена кон живиот Бог кој е сега меѓу нас.
Не загрижува, посебно на запад каде црквите сѐ повеќе се празни, луѓето се оддалечуваат од Бога заведени од идолопоклонството на новите богови што ветуваат среќа и успех во пари и уживање, додека Исус ни ветува среќа во новиот живот во Духот и Вистината. Да, новиот човек во оваа Света ноќ е повикан да се сети на своето вистинско крштение и на своите вистински автентични вредности, а тоа е да се биде светлина на светот. Драги браќа и сестри, да не се плашиме додека пламти оваа блага светлина од свеќите во срцето нашиот живот е посилен од сончевата светлина. Од таа светлина можат да живеат луѓето кои живеат со нас и околу нас затоа го молам Бога да ги осветли нашите животни чекори и животот да го поминеме во светлина.
Покрај сѐ, драги браќа и сестри, мора да признаеме дека сепак понекогаш се чувствуваме уморни и како светилката на овој празник да ни ослабнува од разните ветрови или понекогаш ни недостасува масло во светилките. Генерација сме уморна. Велигден е празник кој според самата содржина во нас ја обновува милоста на Крштението и Евхаристијата. Факт е дека за некој ден нашата црковна заедница ќе го доживее еден од најголемите денови во нашата историја, а тоа е Пасторалната посета на папата Фрањо. Прилика да не зацврсти во верата, сепак самата Папска посета не прави ништо посебно ако нашето срце не е отворено и нашата душа гладна, жедна за вистината што Тој преку своето навестување ќе ни ја донесе. Во оваа воскресно празнување наша темелна молитва е: Исусе воскреснат влези во нашите срца и дај да се препознаеме во средбата со твојот слуга и поглавар на твојата Црква и да доживееме охрабрување во својата вера. И таа темелна вера во неговата присутност ни засветли со ново светло и нашите уморни светилки бидат наполнети со свежо масло за да да можеме и на генерации што доаѓаат после нас тоа светло да го предадеме што сме го примиле во средбата со Светиот Отец…
Браќа и сестри, со таква или слична молитва да се подготвиме сега веќе непосредно ништо да не нѐ спречи да отидеме на средба и уште поважно Божјата милост на овој Велигден нека не охрабри многу за да можеме апостолското патување да го примиме како обнова на нашата вера. А што е обнова на верата, ако не обнова на крсните ветувања и крсната милост.
Нека оваа Божествена Литургија биде отвореност на Духот за средба со Христос, зашто ја видовме неговата слава – слава која ја има како Единороден полн со милост и вистина – и тоа ви го навестуваме. Христос воскресе!