На Генералната аудиенција Папата потсети на полските маченици од Пратулин

На Генералната аудиенција Папата потсети на полските маченици од Пратулин

За време на Генералната аудиенција, папата Лав XIV потсети на мачениците од Пратулин во полскиот регион Подласје, блажениот Винцентиј Левониук и неговите дванаесет придружници. Овие источни католици биле убиени од војници на Руската империја во XIX век, откако одбиле да се откажат од својата вера и од заедништвото со Католичката црква.

„Пред триесет години, свети Иван Павле II ги беатификуваше Винцентиј Левониук и неговите дванаесет придружници, маченици кои, до пролевање на својата крв, ја бранеа својата припадност кон Католичката црква и своето единство со наследникот на свети Петар, останувајќи верни на својата источна традиција“, рече папата Лав XIV во поздравот до полските ходочесници за време на Генералната аудиенција.

„На нивното застапништво ја доверувам каузата на единството меѓу Христовите ученици и католиците кои денес се прогонувани поради својата вера“, додаде Светиот Отец.

Симбол на единството на Црквата

Источната католичка црковна заедница на овие простори се развила по Брестовската унија од 1596 година, склучена во градот Брест на реката Буг, на територијата на тогашната Полско-литванска државна заедница.

Дел од православната хиерархија и верниците го признале авторитетот на Папата и стапиле во полно заедништво со Католичката црква, задржувајќи ја својата источна литургиска и духовна традиција. Нивните заедници историски биле нарекувани и „унијатски“.

Во XIX век, источните католиците кои живееле во источниот дел на Полска, тогаш под власт на Руската империја, биле изложени на силен притисок од царските власти да преминат во Православната црква.

Оние што одбивале да се откажат од заедништвото со Католичката црква биле прогонувани. Некои биле убиени, а други депортирани во Сибир.

Винцентиј Левониук и неговите дванаесет придружници биле мирјани кои припаѓале на источно католичката заедница. Повеќето биле земјоделци од селата во областа Подласје, сопрузи, татковци и млади мажи, обединети од длабока вера и приврзаност кон Католичката црква и кон својата источна традиција.

На 24 јануари 1874 година тие се собрале пред својата црква во Пратулин, во денешна источна Полска, за да ја заштитат од преземање.

Командантот на руските трупи им наредил на војниците да отворат оган врз невооружените верници, кои клекнале во снегот.

Со текот на времето, мачениците од Пратулин станале голем симбол на верноста кон католичката вера, на зачувувањето на источната традиција и на единството со Петровиот наследник.

Свети Јован Павле II: По патот кон целосното единство

Папата Пиј XII веќе ги спомнал верниците од Пратулин во својата енциклика Orientales omnes Ecclesias, објавена по повод 350-годишнината од Брестовската унија.

Во неа тој се осврнал на трагичните околности во кои тие ја бранеле својата црква од претворање во православен храм и изразил надеж дека еден ден ќе бидат вброени меѓу блажените.

Зборовите на папата Лав XIV се надоврзуваат и на пораката на свети Иван Павле II од света Литургија за беатификација, одржана во Ватикан на 6 октомври 1996 година, кога Црквата ја одбележувала 400-годишнината од Брестовската унија.

По тој повод, свети Иван Павле II рече дека Винцентиј Левониук и неговите дванаесет придружници, кои тој ден биле воздигнати на честа на олтарите, „преку својот пример и застапништво нè повикуваат сите храбро да продолжиме по патот кон целосното единство на целото семејство Христови ученици, во духот на екуменското учење на Вториот ватикански собор“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот