Најмладиот член на Кардиналскиот колегиум доаѓа од Кралството Тонга

Во разговор со Радио Ватикан, најмладиот член од Кардиналскиот колегиум и првиот кардинал во историјата на Кралството Тонга, кардиналот Соане Патита Мафи, зборуваше за состојбата на Католичката Црква во својата татковина.

Меѓу новите 20 членови на Советот на кардиналите се наоѓа и бискупот Соане Патита Мафи, од островската држава, на Пацификот, Тонга. Кардиналот Мафи кој има само 53 години, стана најмладиот член во Кардиналскиот колегиум, воедно и прв кардинал во историјата од релативно младата Црква во Тонга. Во разговорот за Радио Ватикан, новиот кардинал зборуваше за малата, но силна католичка заедница во својата татковина и зошто за своето бискупско мото ги избрал зборовите: „Да се продлабочи верата“.

Црквата во Тонга постои само околу 200 години; има мали и расфрлани бискупии, а католиците сочинуваат само 15% од вкупно 102.000 жители. Иако во мал број, католиците се многу активни – истакна кардиналот Мафи, додавајќи дека речиси целата држава е христијанска, каде методистите се мнозинство, а значителен процент има и мормони. Екуменските односи се многу добри и се настојува да се соработува по пат на Националниот совет на црквите и Националниот форум на црковните поглавари.

Според кардиналот глобализацијата имала добри и лоши ефекти. Постојат многу економски можности, но постојат и многу работи кои на луѓето им го одвлекуваат вниманието и времето. Освен тоа, голем е бројот и на малите групи и секти кои пристигнуваат во Тонга, обидувајќи се да ги придобијат верниците. Заради оваа причина – рече кардиналот – за своето бискупско мото ги избрал зборовите „Да се продлабочи верата“. На прашањето што може Црквата во Тонга да ѝ понуди на универзалната Црква, кардиналот рече: едноставност и чувство за Бога во животот на луѓето, како и силата на семејните врски, но и почитувањето на старите луѓе во општеството.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот