Најголемиот повик на христијанинот е љубовта кон Бог и ближниот

Најголемиот повик на христијанинот е љубовта кон Бог и ближниот

Најголемиот повик на христијанинот е љубовта кон Бог и ближниот – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 15 март 2017 година, на плоштадот Свети Петар, продолжувајќи со серијата катехези за христијанската надеж.

Денешното размислување е засновано на делот од Посланието до Римјаните, во кое свети Павле нѐ предупредува дека постои опасност нашата љубов да биде фиктивна, лицемерна. Како можеме да бидеме сигурни дека нашата љубов е искрена, автентична? – праша Папата.

Лицемерието може да продре било каде, па и во нашата љубов – предупреди Светиот Отец. Тоа се покажува кога даваме предност на личните интереси; кога трагаме за сопствено исполнување; кога сакаме да покажеме колку сме добри и доблесни. Зад тоа се крие лажната идеја дека кога љубиме, тоа е затоа што сме добри, како љубовта да е човечка креација, производ на нашето срце.

„Ефикасната љубов, меѓутоа е пред сѐ милост, дар; да можеш да сакаш е дар Божји и мораме од Него да го бараме,“ рече папата Фрањо и продолжи: „Он ни го дава на драга волја, ако го побараме. Љубовта е милост: не станува збор за тоа на видело да се изнесе она што сме, туку она што Господ ни го дарува и што ние слободно го прифаќаме; и не може да се покаже во средбата со другите ако не е родено во средбата со благото и милосрдно Исусово лице.“

Свети Павле нѐ повикува да признаеме дека сме грешници и дека нашиот начин на сакање е одбележан со гревот, но исто така ни нуди навестување на надежта: имаме можност да станеме оружје на Божјата љубов, дозволувајќи воскреснатиот Христос да го обнови и исцели нашето срце:

„Воскреснатиот Господ Кој живее меѓу нас и со нас е способен да го исцели нашето срце. Тој тоа го прави ако побараме. Он е Тој Кој ни овозможува и покрај нашата маленкост и сиромаштво да го искусиме сочувството на Отецот и да ги славиме чудесата на неговата љубов. Разбирливо е затоа е сѐ што можеме да направиме за браќата не е ништо друго освен одговор на она што нам Бог ни го направил и што продолжува да го прави за нас,“ рече Папата.

Според тоа, самиот Бог населувајќи се во нашето срце, продолжува да им служи на оние со кои секојдневно се среќаваме, посебно оние во потреба. Папата Фрањо нагласи дека станува збор за милостите кога имаме искуство дека не ја живееме заповедта на љубовта онака како што би требало. Тоа искуство ни помага да сфатиме дека ние самите не сме способни вистински да љубиме, туку е потребно Господ постојано да го обновува тој дар во нашето срце.

И тогаш повторно ќе можеме да ги цениме малите работи и ќе бидеме способни да ги љубиме другите како што Бог ги љуби, односно сакајќи им добро, за да бидат Божји пријатели, светци – рече Папата. Светиот Отец на крајот од катехезата ги поттикна верниците од Господ секојдневно да бараат да ја обновуваат својата љубов во нив и да им овозможи да бидат сведоци на љубовта и на другите, посебно оние во потреба.

Пред крајот на Генералната аудиенција, папата Фрањо се обрати на ходочасниците од Сирија, Либанон и другите земји од Блискиот Исток. Рече дека омразата е полоша од фиктивната љубов; станува збор за егоизмот преправен во љубов. Вистинската љубов е – како што свети Павле пишува – „долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува. сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува.“ (1Кор 13, 4-7)

Папата исто така се обрати на групата вработени во италијанската подружница на теливизиката куќа Sky, која поминува низ период на промени и отпуштање на вработени, изразувајќи надеж за брзо решение кое ќе ги почитува правата на сите, посебно на семејствата. Светиот Отец истакна дека работата на човекот му дава достоинство и дека одговорните за народот, владеејќи се должни да направат сѐ што е во нивна моќ за секој човек да може да најде работа, и да оди со дигната глава, за да може со достоинство да ги гледа другите во лице. А кој ги затвора претпријатијата и фабриките заради економско манипулирање и нејасни преговори, скратувајќи им го со тоа на луѓето работата, прави тежок грев – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот