Моту Проприо на папата Фрањо за управување со добрата на Светата Столица
Со Апостолското писмо во форма на „motu proprio“, за редовно управување со добрата на Светата Столица папата Фрањо го овласти Секретаријатот за економија. Потврдувајќи ја повеќевековната традиција, Вториот ватикански собор ја истакна потребата организираноста на Светата Столица да се усогласи со времето прилагодувајќи ги посебно канцелариите на Римската курија, нивниот број, терминологијата и надлежноста, но исто така и нивниот начин на делување и взаемно усогласување со реалните временски потреби на Црквата.
Вистинската примена на тие начела се случи на 24 февруари оваа година со објавувањето на Апостолското писмо во форма на ‘motu proprio’, Fidelis Dispensator et Prudens за основањето на Секретаријатот за економија како Канцеларија на Римската Курија. Секретаријатот е надлежен, водејќи сметка за тоа што одредил Советот за економија, да врши надзор и да бдее над канцелариите на Римската Курија, над институции поврзани со Светата Столица и над управата на државата-град Ватикан.
Имајќи го тоа во предвид и прифаќајќи го мислењето на префектот на соодветната дикастерија, сметам дека е соодветно Секретаријатот за економија од сега да ги преземе своите уставни надлежности, согласно начинот и времето кој ќе го одреди соодветниот префект, а кои до сега беа во надлежност на „Одделот за редовно управување“ на добрата на Светата Столица и на споменатата дикастерија да ги пренесе надлежностите кои што со апостолската конституција Pastor Bonus, 28 јуни 1988 година беа доверени на тој оддел за управување со добрата на Светата Столица. Како резултат на тоа Управата за добра на Светата Столица нема да биде повеќе поделена на оддели, а во иднина ќе ги извршува само задачите кои беа во надлежност на Одделот на посебна управа.
Текстот од член 172 од апостолската конституција ‘Pastor bonus’ целосно се заменува со следниот текст:
Надлежноста на оваа канцеларија е да управува со добрата на Светата Столица кои треба да ги овозможи потребните средства за функционирање на Римската Курија. Канцеларијата ги управува и подвижните добра кои се доверени на други институции на Светата Столица.
Текстот од членот 173 од апостолската конституција ‘Pastor bonus’ се заменува пак со следниот текст: На чело на Канцеларијата е еден кардинал, помогнат од одреден број кардинали и еден прелат секретар. Членовите 174 и 175 од апостолската конституција ‘Pastor bonus’ повеќе не се во сила.
Префектот на Секретаријатот за економија ќе формира техничка комисија со цел олеснување на пренесувањето на надлежностите кои до сега припаѓале на Одделот за редовно управување со добрата на Апостолската Столица и почнувајќи од денес ќе одреди како треба да се решаваат нерешените прашања на Одделот за редовно управување сѐ до конечното преземање на обврските.
Сѐ што одлучив со ова Апостолско писмо, одредувам да се применува целосно и покрај било која спротивставена работа, иако било потребно посебно да се наведе и одредува да се објави во дневниот весник Осерваторе Романо, стапувајќи во сила на самиот ден на објавувањето.
Во Рим, кај Свети Петар, 8 јули 2014 година, втора година од понтификатот
Папа Фрањо
РВ/Д.И.