Мото и лого на посетата на Папата на Мексико

Мотото и логото за апостолската посета на папата Фрањо во Мексико од 12 до 18 февруари се објавени од мексиканските епископи

Мото

Одбраното мото за посетата гласи: „Папата Фрањо: мисионер на милосрдието и мирот“ и ги обединува другите теми на папските посети и сè карактеристични за понтификатот на папата Фрањо: милосрдието, правдата, посветеноста, мирот и надежта.

На официјалната страница на настанот www.papafranciscoenmexico.org – се наведува дека „Фрањо оди кај сите, како мисионер на милосрдието, најмногу меѓу сиромашните, за да ги воодушеви да се сретнат со Божјата љубов и Неговото мирно присуство во светот“. Во таа смисла се индикативни фазите на посетата на Папата: во мексиканската држава Чапас каде Светиот Отец ќе се сретне со најсиромашните, потоа Морелија, каде што ќе се сретне со оние кои „поднесуваат насилства“, како и Сиудад Хуарес, каде ќе се сретне со луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови”. Во базиликата на Дева Марија во Гвадалупе ќе ја пренесе „утехата на Христос – израз на љубовта на Отецот и на Мајката, која се залага за нас и е пример за мисионерско прифаќање, успевајќи да ги заштити сите под своја закрила“.

Лого

Во центарот на логото е поставена фигурата на Светиот Отец, под него се насликани географските граници на Мексико и под нив натписот „Мексико 2016“, придружуван од мотото. Десно е додаден профилот на Дева Марија од Гвадалупе со нејзината ѕвездена облека. На врвот е Крстот, кој стои над вратата на Богородичното светилиште во Гвадалупе. Црвена и зелена боја на бела позадина се боите на мексиканското знаме на кои е додадено жолтото на ѕвездите од наметката на Богородица, т.н. „тилма“, која потсетува на соѕвездијата на небесниот свод на денот на нејзиното чудесно појавување пред американскиот индијанец Хуан Диего на 12 декември 1531 година.

Во соопштението, мексиканските епископи пишуваат дека присуството на Папата во Мексико ќе нѐ зацврсти во верата, во надежта и милосрдието и ќе ѝ помогне на Црквата да ја продолжи постојната мисија, ќе ги охрабри верниците и неверниците да се заложат за изградба на Мексико како праведна, солидарна, помирена и мирна држава“.

Посетата на Папата во Мексико може да се следи, освен на официјалната страница www.papafranciscoenmexico.org – исто и на Twitter (ConElPapa) Youtub (“Со Папата во Мексико”), Facebook (ConElPapa), Instagram и Snapchat.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот